Новогодишната ноќ скопјани ќе ја пречекаат со Аки Рахимовски и Парни ваљак, како и со неколку македонски пејачи, ди џеј и група од Косово.
Новогодишната програма ќе почне во 21 часот на Градскиот плоштад „Македонија“ и ќе трае до еден часот по полноќ.
Ова на денешната прес-конференција го најавија соопштија скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, и главниот извршен директор на Македонски телеком, Никола Љушев.
Градоначалникот Шилегов изјави дека никогаш не би го пропуштил настапот на Парни ваљак и оти, заедно со скопјани, ќе присуствува на новогодишната прослава.
– Една од најголемите југословенски поп-рок групи, хрватскиот рок бенд „РАRNI VALJAK“, предводен од легендарниот Аки Рахимовски за Нова година во Скопје ќе ги испее вонвременските хитови со кои израснаа многу генерации во Македонија и во регионот. Мојот драг пријател Аки со задоволство ја прифати оваа понуда. Имајќи предвид дека тој долго време живеше во Скопје и дека овој град има посебно место во неговото срце, со сигурност можам да кажам дека новогодишна вечер во нашиот главен град ќе биде посебна за него и незаборавна за сите нас – најави Шилегов.
Како дел од новогодишното расположение, центарот на Скопје, од утре, сабота, ќе почне да живее во празничната еуфорија со целосна програма во „Винтерленд“, со цел на граѓаните да им се овозможат пријатни моменти поминати со своите роднини и пријатели. Предвидена е програма и за најмладите која ќе ја разбуди нивната радост.
На плоштадот „Македонија“ веќе се поставени дрвени куќички како дел од новогодишната населба каде што се нудат рачно изработени сувенири, украси, книги, божикни подароци, како и гастрономски специјалитети и разни топли пијалаци за целосна и вистинска празнична атмосфера.
– Македонски Телеком и Градот Скопје веќе 14 години по ред одлично соработуваат при организацијата на новогодишната прослава во нашиот главен град. Како телекомуникациска компанија која ја има најдобрата мрежа во земјава, секогаш се трудиме на граѓаните да им овозможиме беспрекорна комуникација во текот на целата година, и многу повеќе од тоа, да помогнеме во организација на настани во овој период од годината кои ќе ја збогатат новогодишната атмосфера. Затоа, во името на Македонски Телеком, на македонските граѓани им посакувам среќни празници, да се забавуваат, дружат и да креираат и споделуваат незаборавни доживувања со најблиските – изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Со програма којашто почнува утре, „Винтерленд“ секојдневно ќе има различни активности за забава и рекреација за нашите сограѓани, а во текот на викендите ќе бидат организирани приредби за најмладите и концерти за возрасните.