Пратениците и уметниците ќе се спасат од робија, другите со помали казни

2574

И покрај очекувањата дека предложениот текст на Законот за амнестија за крвавиот четврток денеска ќе биде на разгледување на Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција, за да може в понеделник да се најде на дневен ред на собраниската седница, тоа не се случи.

Пратеничката Емилија Александрова, во кратка изјава за Плусинфо, не ја исклучи можноста предложениот закон за амнестија да дојде на гласање на пленарката в понеделник и како што рече, до тогаш многу работи и различни толкувања што се појавија во јавноста ќе бидат презицирани.

Сепак, јасно е дека нема да се одолговлекува донесувањето на законското решение што го подготви групата за помирување, зашто очекувањата се тоа да помине во Собранието пред да паднат завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска, кога се очекува да биде соопштена и одлуката за преквалификација на делото терористичко загрозување на уставниот поредок на државата за кое се обвинети 31 лице, а двајца за помагање.

Дека ќе има преквалификација на делото прв во јавноста обзнани пратеникот Зекир Рамчиловиќ посочувајќи го делото „здружување заради непријателска дејност“, а тоа денеска го потврди и премиерот Зоран Заев кој најави дека новиот закон освен амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори, ќе донесе и казни помали од 10 години.

– Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката дека казнувањето мора да постои. Најважната порака е да нема мешање во правосудството – рече Заев.

Во недостиг на прецизни информации, во медиумите се плетат информации дека амнестијата би можела да опфати повеќе од дваесетмина.

Во телото за помилување, вчера за Плусинфо, рекоа дека најмалку десетмина ќе бидат ослободени, но освен за тројцата пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, не успеавме да добиеме официјална потврда дека и двајцата обвинети пратеници Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, ќе бидат ослободени од прогон. Неофицијално, се вели дека амнестијата ќе важи и за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и за поранешниот министер за земјоделие, кој по настаните на 27 април тврдеше дека не ја наведувал толпата низ парламентот, ниту пак сторил друго дело за кое треба кривично да одговара.

Претставници од телото за помирување, а и премиерот Заев, неколку пати досега повторија дека амнестија нема да има за насилниците, организаторите и извршителите на упадот во законодавниот дом. Од овие изјави се извлекуваат заклучоци, кои сѐ уште никој не може да ги потврди дека подадена рака на помирување нема да има за обвинетите вработени во МВР, како и за нивниот поранешен шеф Митко Чавков.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...