Последното истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата за рејтинг MRB Hellas, а објавено од информативниот портал „Реал“, покажува дека 7 од 10 Грци негативно го оценуваат Договорот од Преспа, исто толку сметаат дека договорот не ги гарантира грчките интереси, повеќе е наклонет и повеќе им служи на македонските интереси и во иднина ќе создаде сериозни проблеми, јави дописничката на МИА од Атина.
Речиси пет од 10 Грци одговориле дека договорот ќе биде изгласан од грчкиот Парламент, а 25.9 отсто сметаат дека Македонија е „вистинска закана за Грција“.
Од испитаниците било побарано да одговорат на прашањето: „Врз основа на она што го знаете, имате слушнато, имате прочитано, како, во целост, го оценувате договорот што го потпиша грчката влада со ПЈРМ ?“
Според резултатите, 70.2 отсто дале негативна оцена (веројатно негативна 20.5 отсто, сигурно негативна 49.7 отсто, а само 12.1 отсто позитивна оцена (8.2 отсто веројатно позитивна, 3.9 отсто сигурно позитивна). Додека пак 4.6 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.
На анкетираните, им биле понудени неколку ставови и било побарано од нив да одговорат дали и колку се согласуваат или не се согласуваат. МИА во целост ги пренесува прашањата и одговорите на испитаниците.
– Со финализирањето на конкретниот договор, Грција престанува да биде дел од еден проблем и може да претендира да добие активна улога на Балканот.
67.3 отсто веројатно/ сигурно не се согласувам
24.3 отсто сигурно/ веројатно се согласувам
8.4 отсто не знам/ не одговарам
– Новиот договор ги гарантира, на реален начин интересите на Грција.
71.5 отсто веројатно/ сигурно не се согласувам
20.7 отсто сигурно/ веројатно се согласувам
7.8 отсто не знам/ не одговарам
– Новиот договор е повеќе наклонет и повеќе им служи на интересите на ПЈРМ.
74.7 отсто сигурно/ веројатно се согласувам
18.2 отсто веројатно/сигурно не се согласувам
7.1 отсто не знам/ не одговарам
– Новиот договор ќе создаде сериозни проблеми во иднина.
74 отсто сигурно/ веројатно се согласувам
17.9 отсто веројатно/сигурно не се согласувам
8.1 отсто не знам/ не одговарам
Во истражувањето од Грците било побарано да одговорат на прашањето дали сметаат дека Договорот од Преспа ќе биде изгласан во грчкиот парламент. Речиси 5 од 10, односно 47 отсто одговориле позитивно (14.8 отсто сигурно да, 32.2 отсто веројатно да), а речиси 4 од 10 негативно, 37.4 отсто сметаат дека грчките пратеници нема да го изгласаат.
Македонија е на третото место во однос на тоа која земја, Грците ја сметаат за вистинска закана за Грција. Понудени одговори освен Македонија, се и Турција, Албанија и Бугарија.
Прва е Турција со 84.5 отсто, втора е Албанија со 42.8 отсто, а потоа Македонија со 25.9 отсто. На четврто место е Бугарија со 7.2 отсто.
Истражувањето било спроведено од 28 ноември до 6 декември со анкетирани 2000 лица со право на глас преку методот на директни интервјуа (face to face).