ПИСМА ОД ЛОНДОН Москва на Темза

Најголем дел се движат во затворени кругови и само од време на време во весниците и модните списанија ќе се појави нешто за некој од руската елита. Главно од забави. Освен...

936

Толку многу крзна на едно место во живот немам видено. Освен во кино, ама тоа не се смета, бидејќи не беше во живо. Веднаш на сила стапија гените од прадедо ми крзнар, во комбинација со моето релативно пристојно познавање на светот на модата (што сакам, тоа носам) и инстинктот дека нема шанси на овој собир некоја, некој или некое да носи вештачко крзно.

Зашто сè што се беше било собрало – женско, машко, дете, младо, старо, носеше крзно. Природно крзно. Астраган. Чинчила. Поларна лисица. Чита. Не чита. Книга не фаќа… И некои за мене неидентификувани, но се обложувам проклето скапи животинчиња што постоеја на овој свет само со една единствена цел во својот кус живот – за да ги стоплат рамената, да измамат воздишки и да покажат кој колку вреди од посетителите на полноќната литургија пред руската православна црква на Богородица и Сите Светци во елитниот дел на Лондон, Најтсбриџ. Дека беше посетено, беше. Дека немаше игла кај да падне, немаше. Дека веднаш знаевме кои се телохранителите,знаевме.Тие носеа долги кожени мантили.

Руската дијаспора во Лондонград

Во Лондон има повеќе од 100.000 Руси кои живеат и работат тука. Повеќе живеат, би рекол некој, отколку што работат. Кога пред две години Би-би-си сними документарец за младите, згодни момци и девојки од Русија кои дојдоа да ги трошат тешко заработените милиони на татковците, главната шега им беше – „ние не сме богати, ама другите имаат милијарди“. Авторите на програмата се обидуваа да откријат животот на руската дијаспора во Лондонград, како што од пред 20-30 години почнаа да го нарекуваат Лондон, откако сè поголем број новозбогатени Руси почнаа да ги трошат рублите и тука. Велат дека секој Русин кој ќе потроши десет милиони за да купи стан во Лондон, троши уште дополнителни 4,5 милиони фунти. Пари што добро и доаѓаат на британската економија. Становите се главно во Мејфер, локација на супер-богатите.

Каде што има и клубови, и галерии, и луксузни ресторани и скапи вина и скапи автомобили. Па колку се носталгични за татковината? Многу. Според она што го кажаа сите без исклучок се тврдокорно патриотски настроени. Живеат во Лондон, трошат пари тука како да ќе нема утре, се восхитуваат на монархијата, на кралското семејство, играат поло, се зачленуваат во приватни клубови и обожаваат приватни училишта.

Бев сведок кога Русите навалија во Лондон. Такво нешто требаше да се види. Само тогаш и никогаш повеќе на главната шопинг дестинација, Оксфорд стрит во излозите имаше написи „гаваримо по руски“ – зборуваме руски, каде што продавачките, главно од Полска, Чешка, Словачка можеа да видат корист од задолжителните часови по руски во основно. Кога во продавница Русинка купуваше плаќајќи со снопчиња кеш врзани со пластични ластичиња (во чантата имаше многу снопчиња, видов). И кога Олег кој дојде да ѝ купи прстен на девојката што беше лице на Ланком за Русија, побара да го купи и целиот излог од Селфриџис со производи на (сега веќе покојниот) Александар Меквин.

За оние што ги школуваа своите деца тука, во мода беа и се, се разбира, приватните училишта, каде што туторите чинат од 30.000 до 60.000 фунти годишно или до 500 фунти на час. Ова покрај 40.000 фунти годишно за привилегиите, престижот и врските на британското приватно образование. Една моја пријателка со години заработуваше пречекувајќи ги децата на аеродроми и носејќи ги во соодветните хотели, па потоа во приватните училишта.

Публицитет, ама каков

Но, најголем дел се движат во затворени кругови и само од време на време во весниците и модните списанија ќе се појави нешто за некој од руската елита. Главно од забави. Освен… Освен ако не сте љубител на жени па се разведете неколкупати или на фудбал и не го купите Челси или Арсенал. Или не ве најдат обесен во сопствената спална соба откако претходно жестоко сте го критикувале Путин со кого сте биле во „дуинг бизнис“ корелации. Или ако не сте испиле чај со полониум зашто „нема што ти во Лондон да разговараш со луѓе со кои не треба“.

Или еве најновото – „случајно“ се отрул со најновиот производ од хемиската лабораторија во централна Русија, наречен нагалено „новичук“, заедно со сопствената ќерка и полицаецот кој во Солзбери ви помогнал да станете од клупата за да одите во болница. Фино ти рекоа, и тоа од највисоко место, ти си предавник на сопствената земја, и нема врска што си одлежал казна и што ти „исчезнаа жената и синот“ – има да те нема!

И сега што? Протерани се 23 тајни агенти од Лондон назад во Русија, кои изгледа не биле толку тајни зашто ги знаеле по име и презиме. Русија, секако ќе возврати, но во помал број. Не затоа што се фини Русите, туку затоа што Англичаните немаат толку многу персонал во Москва. Пораката е јасна. Нелојалноста се плаќа – никогаш нема да се ослободите од нас и никогаш нема да бидете безбедни, без оглед каде и да живеете. Одбирајќи го 66-годишниот Скрипал, осум години по неговото доаѓање во Обединетото Кралство и веќе без никакви тајни кои би можел да ги оддаде и со кои би можел да тргува, всушност само ја потврдува поентата – не мора да си главен противник на режимот, важно е да си противник на режимот. Заплетите од шпионските новели излегоа и стапија на сцена – во реалниот живот.

Да (не) зборуваме за Брегзит

Британците во сето ова полека но сигурно добиваат меѓународна поддршка. Прво од Трамп. Па од Меркел. Французите прво како да бараа докази, па потоа Макрон стапи на сцена и се солидаризираа. Се (с) огласи и НАТО.
А сето ова доаѓа во време кога Британија бара цврста почва под нозете во тешко време на Брегзит неизвесност – и за неа и за Европската Унија, зашто ова е непозната територија и за двете страни. Има повици за заплена на руски имоти на олигарсите за кои се знае дека ги прекршувале човековите права. За рестрикции за издавање визи.

За блокади и укинувања на медиуми. За хакирање. Сите мерки, какви и да се, ќе чинат пари. И ќе имаат повторно големо влијание врз економијата. За безбедноста и да не зборуваме. А да не ја отворам сега темата за британските бизнисмени и политичари, главно од ториевска провиниенција, макар што и имињата на лабуристот Менделсон и олигархот Дерипаска и летниот одмор на јахта веднаш ми паѓаат на памет…

Сте ја гледале серијата на Би-би-си „МекМафија“ за руската мафија и Лондон? Обидете се да ја погледнете. Како да ви кажам, нема ништо измислено. Сè е точно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...