Прекинат е протестот и блокадата на паркингот на Клинички, а Синдикатот ја продолжува битката за покачувањето на платите и инсистира истото да не биде селективно туку подеднакво за сите вработени. За ова ќе разговараат и на средбата со премиерот Зоран Заев која ќе се одржи на 24. и 25. декември.
– Завршен е протестот, министерот Филипче ни рече дека паркингот ќе се врати во владение на Клиничкиот центар, и тој дел е остварен. Но продолжуваме со преговорите за зголемување на платите, што е наш голем проблем, а за што што ќе имаме средба и со премиерот Заев на 24. и 25. декември. Не се согласуваме со најавеното нееднакво покачување на платите од 10 отсто за лекарите специјалисти и 5 отсто за медицинските сестри и за овие работи бараме да преговараме. Најголемиот револт и незадоволството е што процентите на последното зголемување на платите на вработените се селектирани. Не се сите доктори во Клинички, а ни тие не се задоволни од ветеното зголемување. А и коефициентите за зголемувањето на плати не се со еднаков процент за сите. За сево ова ќе преговараме, а дали зголемувањето на платите ќе биде 15, 10 или 5 отсто, ќе видиме – изјави денеска д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар, додавајќи дека некои со плати од 120.000 денари ги зголемиле за 35 отсто уште пред неколку месеци.
Тој предупреди да не се злоупотребува протестот, кој, како што вели д-р Беговиќ, започна по одлуката на Градот да ја зголеми цената и од крајно навредливата изјава од градскиот татко.
– Апелираме политичките партии да не помислуваат да профитираат од овој наш протест, зашто во Синдикатот има претставници кои се и од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ и од ДУИ и од другите партии – нагласи д-р Беговиќ.
Ивица Апостолов, член на Синдикатот, изјави:
– Вработените во Клинички се незадоволни и треба ресорниот министер Флипче да обезбеди пари за ветеното зголемување на платите. Барањето е за сите вработени да биде еднакво зголемувањето, а не селективно, бидејќи со селективно покачување ќе се направи раздор меѓу вработените. Ние сме сите во еден систем и не треба да има поделби меѓу нас – рече Апостолов.
Членовите на Синдикатот 4 дена протестираа во кругот на Клинички, а од вчера ја блокираа и наплатата на паркингот, незадоволни што Градот Скопје ја зголеми месечната претплата за паркирање за 500 денари.