На претходното рочиште во судот беа презентирани наодите од судска медицина.
Вештото лице, доктор Златко Јаќоски од Судска медицина на рочиштето посочи дека обдукцискот наод извршен врз Никола Саздовски покажал крвни повреди на главата, поточно на левата страна на лицето и во темената регија, оштетување на мозокот и крвен подлив на градниот кош.
Според вештото лице, Саздовски бил донесен во болница во предсмртна фаза за што итно била направена реанимација, а заради неможност на функционирање на мозокот бил поставен на механичка вентилација со пропратна терапија со медикаменти.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, Јетон Љужа, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.
Дваесетгодишниот Никола Саздовски почина на 9 јули годинава, откако беше крвнички претепан на автобуската постојка на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда на 29 јуни годинава околу 17:30 часот од Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје.
Младото момче неколку дена беше во коматозна состојба во Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што им подлегна на повредите.
Адвокатот на семејството Саздовски, Ванчо Шехтански денеска во изјава за МКД.мк, вели дека е поднесено оштетно побарување во вредност од 10 милиони денари од двајцата обвинети.