Новиот закон за СЈО допрва на проверка кај Ахмети

643
20160328 Monday specijalno javno obvinitelstvo katica janeva fatime fetai

Новиот закон за СЈО допрва ќе треба да се „пегла“ меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ , а дури потоа и со опозициските партии, дознава Плусинфо. Министерството за правда го објави новото законско решение на својот сајт, кое излезе и на ЕНЕР, а министерката за правда Рената Дескоска веќе побара поддршка од 80 пратеници.

Како што дознаваме, виза за новиот закон за СЈО се уште нема ни од партијата на Али Ахмети и дека за него, но и за пакет законите од правосудството кои вчера поминаа на Влада, на средба попладнево или утре ДУИ ќе има партиски консултации. Од партијата ни потврдија дека допрва ќе ги градат позициите за новиот закон за СЈО.

И додека СДСМ ќе треба да се усогласува со ДУИ за новото законско решение, тоа најверојатно тешко ќе помине кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, барем ако се суди според говорот на лидерот Христијан Мицкоски од вчерашниот митинг во Скопје.

Воздржани за новиот закон засега се и осумтемина од независната пратеничка група.

Висок функционер на ДУИ брифира дека главната дилема е дали СЈО да остане како самостојна институција или да продолжи со својата работа во рамките на Јавното обвинителство. Тој вели дека ДУИ најверојатно ќе се определи за втората варијанта, односно СЈО да престане да постои како посебна институција, барем како што вели функционерот, доколку ги следат препораките на Прибе. Од партијата на Ахмети засега не откриваат дали имаат забелешки и за конкретни одредби кои се понудени во новиот закон за СЈО.

Од ВМРО-ДПМНЕ немаат официјален став дали ќе го поддржат новиот закон. Лидерот Мицкоски пак, вчера од протестот во Скопје порача дека станува збор за монархистички закон и повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е за нова независна обвинителска институција.

Ќе воскреснат закон за Специјалното јавно обвинителство, закон кој што никој не го видел во државава, никој не го видел како изгледа. Министерството за правда каде што имаат монопол ќе го закачи и ќе бара јавна дебата. Ќе приготват монархистички закон за да можат секој оној неистомисленик да го казнат, да го осудат и ако малку ги критикува и ако зборува против нив и нивните политики да го пратат во притвор, во затвор, затоа што само така тие се научени да владеат. Со страв и притисоци, а не со проекти и со работа. Ние сме за нова независна обвинителска институција која што ќе биде уставна, а не како оваа неуставна, која што ќе го истражи целокупниот криминал од минатите влади, но и од оваа Влада – порача Мицкоски.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека допрва ќе градат став за новиот закон.

Дел пратеници и порачаа на власта дека доколку сака поддршка за законот треба да почне разговори со опозициските пратеници. Има размислувања кај дел пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дека може да го поддржат законот, но само ако се гарантира дека СЈО објективно ќе работи, односно нема да биде институција за прогон на опозицијата туку активно ќе гони криминал кој сега се случува.

И од независната пратеничка група велат дека не даваат бланко поддршка на новото законско решение. Од таму брифираат дека подгрупата за реформи ќе го разгледа новиот закон и ќе достави свои забелешки.

Министерката за правда Дескоска изјави оти се разгледуваат две варијанти за Специјално јавно обвинителство, едната за тоа да биде инкорпорирано во Јавното обвинителство или да биде посебна институција. Таа најави дека ќе има интензивни разговори со пратениците за обезбедување двотретинска поддршка, како и дека ќе се слушне и мислењето на експертите.

– На ЕНЕР се ставени законот за Јавно обвинителство и законот за Специјално јавно обинителство. Ако се отворат двата ќе се види дека се ставени варијанти. Едната е законот за јавно обвинителство да го инкорпорира законот, односно одредбите за Специјалното јавно обвинителство, но исто така има и можност да се носи посебен закон. Значи, ставени се на дебата. Во наредниот период ќе се вршат консултации со пратениците за да се види до кое ниво на регулирање може да обезбедиме 80 пратеници -рече Дескоска.

Досега, Специјалниот јавен обвинител беше овластен и надлежен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите извршени во периодот меѓу 2008 и 2015 година.

Со новиот закон се предвидува СЈО да може да истражува и гони кривични дела извршени од претседателот на Македонија, поставените амбасадори и други претставници во странство и именувани лица од претседателот, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители  и избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје.

Се предвидува и надлежност за прогон СЈО да има за кривични дела извршени од одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето, како и од областа на животната средина и природата, културното наследство и природните реткости, јавните финансии, платниот промет и стопанството, вооружените сили, службената должност, неовластеното оддавање информации и податоци за сведоците и други ако овие дела се сторени во врска со постапки кои ги води Специјалното јавно обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...