Природата на новинарството е да пружи простор, да посредува помеѓу таканаречената „критичка јавност“ и власта, а ќе видиме во времето кое доаѓа колку сегашната власт – со исклучок на еден или два медиума – ги контролира останатите медиуми на еден или на триесет и еден начин.
Овие денови повторно се крена „џева“ пред Владата на Републиката, беа спомнувани некакви „копилиња“, па првата помисла ми беше кој кого напуштил, изневерил, и дали повторно некои „македонски сираци“ се во нова потрага по „државна“ мајка или татко? Се излажав повторно, работата се состои во тоа што некој никој-и-ништо го нападнал претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани, колку што мене ми е познато само реторички, што не значи дека е помалку опасно, затоа што видовме изминативе години што значи кога реториката ќе ти се излие од глава директно на улица.
Критичко мислење
Од друга страна, нека ми прости фелата новинари, пораките што ги испраќаа од Владата мене ми е беа прилично комични, отприлика како да се обраќа Насер на некои деца од дванаесет години: „Копилињата нема да стивнат“! (Демек, ако си „нестивнат“, не може да бидеш копиле, или што?); „Долга е раката на пајакот“! (Раката на Спајдермен за мене е нормална, пајажината е долга); а особено ми се допадна оваа: „… ние ви плаќаме даноци“. (Демек ние ве плаќаме, вие не заебавате, не?)
Нејсе, шегата настрана, што за мене беше важно во целото врескање, а сепак е клучно за новинарството? (Настрана што Насер С. има нешто лично да си расчистува со тој никој-и-ништо од ДУИ.)
Во Македонија, а тоа Насер С. би требало да го знае, има мали упоришта на критичко мислење, што значи дека за власта мора критички да се пишува, затоа што таа власт – секоја власт – за брзо време може да се осили и да тежнее за она што секоја власт тежнее, а тоа е апсолутна власт. Латинка Перовиќ вака ја објаснуваше 19-вековната власт на радикалите: кога „исползија“ до владата, тие тука не застанаа, туку напротив, сакаа да го освојат секој дел од државата. Ако одиме според оваа аналогија, ќе видиме дека опсесијата на груевистите беше иста.
Да не се лажеме, сите власти во Македонија ја поседуваат истата амбиција – власта да биде апсолутна. Што значи, ако Насер С. сака да работи во интерес на новинарството, мора да разбере дека природата на новинарството е да овозможи простор, да посредува помеѓу таканаречената „критичка јавност“ и власта, да се обидува – колку е тоа можно – зад весниците и медиумите да стои критична маса од интелектуалци, специјалисти, стручњаци, квалификувани луѓе. Денес, без разлика колку ние се занесувале – кога велам „ние“ мислам најпрво на луѓето од „јавната сфера“ – многу малку доаѓаме до читатели (а тука пред се мислам на печатените медиуми.)
Ама сега тоа е голема тема, голема приказна за Македонија, за Македонската историја, за моделите на власт во Македонија, за сиромаштијата во Македонија, за бедата на Македонија. И за тоа дека Македонија во голема мера ја напуштија оние што сфатија каде живеат и оние што дојдоа до заклучок дека во Македонија нема перспективи.
Горливи проблеми
Да не должам, а да кажам што е важно за Насер С. И за целата екипа. Проблемот не е само дали има доволно храбри луѓе во новинарството; во новинарството има секакви луѓе: кукавици, односно секакви конфекции како што има и во која било професија; има и одважни луѓе, има специјалисти, има и брилијантни текстописци, ама сепак мислам дека и во оваа професија е исто како што е и кај лекарите, шинтерите или месарите.
Има луѓе во новинарството што се спремни да го заложат својот конфор, својот стандард, своите перспективи во крајна линија, па дури и ако сакате и перспективите на своите деца, па сепак, таквите не можат да се потпрат на никого во оваа земја, оттука, и после сите тие факти, самото новинарство не може да ја модернизира Македонија.
Друг проблем е што денес телевизиите не личат на ништо: јасно е дека дебатата изминатава декада беше уништена, целата политика се сведе на грозен пи-ар, па се прашува човек за што да се пофати, за глупавата верба на пораката, или за нашминканото лице на политичарот?
Кога, пак, весниците се во прашања, ситуацијата во Македонија е катастрофална. Читав овие денови некои статистички податоци за тиражот на печатени весници во Словачка, Унгарија и Полска, па ако ги споредиме тие податоци со Македонија, луѓе мили, резултатите се… Ние живееме во една неписмена, примитивна држава, ама друго и немаме, туку ни останува да го тераме своето онака како што знаеме и умееме.
Верувам дека Насер С. ќе го прочита овој текст и ќе ја разбере добронамерната критика. Многу е поважно да се зафатиме со решавање на горливите проблеми во новинарството, отколку да го слушаме како егзалтира пораки пред Влада, а потоа со истите луѓе од Влада си пука „give me five“; таквите гестови се глупави, таквиот гест ме навредува, и затоа Насер С. мислејќи дека пука во вистинската цел, промаши сè друго!