На протестите на „жолтите елеци“ во Франција се роди љубов. Откако се запознале додека го изразувале незадоволството поради најавите за поскапување на горивата, што на крајот предизвика голема политичка криза во владата на претседателот Емануел Макрон, одлучиле дека се створени еден за друг.
Нивната приказна заврши со венчавка, пишува францускиот весник „Ла Депеш“.
Обајцата „жолти елеци“ со уште десетина пријатели и познаници, кои се припадници на истото движење, организираа симболична венчавка во саботата. Свеченоста, како што пренесуваат медиумите во Франција, се одржа на наплатната рампа, меѓу приврзаниците на протестите.
Невестата е облечена во импровизиран жолт фустан, а на главата носи венче од жолто цвеќе. Нејзиниот избраник носи жолти панталони и јакна во истата боја.
Нив ги венчаваше лидерот на локалниот синдикат.
Сепак, за да биде бракот легитимен, парот ќе мора да застане и пред вистински матичар.