Синдикатот на Клиничкиот центар денеска половина час ја блокираше наплатата на паркингот, во знак на протест против одлуката за покачување на цената на паркингот, но го обелодени и второто барање – што побрзо да се реализира ветеното двојно зголемување на платите во здравството! Бараат и итна средба со премиерот Зоран Заев.
– Поради актуелната состојба, го повикуваме министерот Филипче веднаш да ја организира ветената средба со премиерот. Господо од власта, ветивте двојно зголемување на платите на здравствените работници, а на докторите специјалисти дека ќе ги покачите најмалку до 100.000 денари. Свикавте прес-конференција за медиуми за покачување од пет отсто, без наше знаење и учество. Сета јавност во земјата разбра дека докторите ги покачиле платите за десет отсто, а медицинските сестри и другите вработени во здравството за 2019 година ќе ги покачат платите за пет отсто. Ова е една капка која го вивна огнот, не е проблем во тие 500 денари, туку што и тие намалени проценти на зголемување на платите сакаат да ни ги земат и следната година да сме со нула проценти зголемување – рече претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, д-р Горан Беговиќ.
Тој најави дека протестите ќе траат сѐ додека власта не разбере дека се понижени.
– Ги повикуваме градските власти под итно да ја поништат одлуката за зголемувањето на цената на паркингот на Клинички и апелираме до челниците на ЈГ „Градски паркинг“ да ги отворат излезните рампи и да се откажат од приходот за овие половина час во денот за време на протестите – нагласи д-р Беговиќ.
Тој порача и дека не прифаќаат комуникација преку медиуми, туку преку дијалог. Сакаат веднаш со одлука и договор да им се даде.
– А до 100.000 денари плата некој лекар дошол, само ако имал 15 дежурства во месецот! Властите да не ги повторуваат дежурствата, да најдат доктори и веднаш да организираат сменска работа. Престанете да ги плашите вработените за здравството со проекти со Јавно приватно партнерство, престанете да ја заплашувате нашата администрација со реформи. Само со активно учество на синдикатот прифаќаме реформи во нашата администрација – рече д-р Беговиќ.
Инаку, Градоначалникот Петре Шилегов вчера изјавил дека има размислувања паркингот на Клинички да се врати на комплексот клиники “Мајка Тереза” и тие да управуваат со него, како што и беше, пред да го преземат од ЈП „Градски паркинг“.