Со испрашување на сведокот Ѓорѓи Лазаревски денеска во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“.
На прашање од обвинителот на СЈО, Артан Ајро, кој бил сензитивен таргет, Лазаревски рече дека постоеле два таргета, едниот бил Влатко Мијалков, брат на Сашо Мијалков, а вториот Александра Мијалкова, сопруга на Сашо Мијалков.
Ајро го праша сведокот кој ги префрлал фајловите од формат што е неразбирлив во формат што може да се отвори на кој било компјутер, на што тој рече дека направил софтвер што ги чита Мета податоците во „X-ML“ формат што содржи тагови кои определуваат битни содржини за одредена комуникација. Со таа активност бил добиен бројот на таргетот и времетраењето на комуникацијата.
Пред да му ги даде на Верушевски, како што вели Лазаревски, ги систематизирал податоците, односно го бришел само префиксот на македонските броеви и во табелите останувале само македонски броеви.
Целта на Лазаревски и Костовски била да докажат дека во МВР се вршеле нелегелни снимања на разговори и затоа снимките му ги давале на Верушевски.
Форматирањето го вршел Звонко Костовски на службен компјутер, а потоа Лазаревски од дома ги досредувал.
Лазаревски рече дека при копирањето на логовите од системот не се остава трага, бидејќи копирањето било направено директно од диск. Пред судот тој рече дека на Верушевски му предал околу 800 гигабајти материјали.
Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.