Незадоволен од висината на изречената казна на која се осудени обвинетите за трговија со дете, надлежниот јавен обвинител, по пристигнатата писмена пресуда, во законски рок поднесе жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
За стореното кривично дело, Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда со која трите лица се огласени за виновни за сторено кривично дело – трговија со дете. Со првостепената пресуда обвинетата М.Д. е осудена на казна затвор во траење од 13 години, додека обвинетите Е.Ј. и С.Р. на казна затвор во траење од по 12 години.
– Иако судот определи затворски казни за сторителите, надлежниот обвинител ценеше дека при определување на висината на казната судот ги преценил олеснителните околности, на сметка на отежителните. Во конкретниов случај, обвинителот согледувајќи ја севкупната состојба на детето, неговото нарушено здравје и нанесената психичка болка, ценеше дека казните по својата висина не се соодветни и не претставуваат адекватен општествен прекор упатен кон обвинетите. Од тука, имајќи ја предвид тежината и зачестеноста од ваков вид на кривични дела, а со цел да се исполнат целите на казнувањето, Обвинителството ја достави жалбата до повисокиот Апелациски суд, со барање да ја преиначи пресудата и да определи повисоки затворски казни за обвинетите, велат од ЈОРМ.