Подготвен предлог законот за помирување, нема амнестија за организаторите и насилниците

230

Организаторите и лицата кои извршиле физичко насилство за време на настаните од 27 април лани во Собранието нема да бидат опфатени со законот за амнестија, кој денеска како предлог текст беше утврден на собраниската подгрупа за помирување.

Предложениот текст на законот за амнестија, како што истакнуваат од телото за помирување, нема во ниту еден сегмент да влијае на правосудството, а тоа било едно од клучните прашања за кое бил постигнат консензус на денешниот состанок.

На нашето прашање кој од обвинетите во крвавиот четврток ќе биде опфатен со предложениот закон и дали обвинетите пратеници што гласаа за уставните измени Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов ќе бидат амнестирани со овој закон, ни беше речено дека, сепак, за тоа ќе решат судиите, зошто целта била со предложеното решение, да се оневозожи политичко влијание и мешање во судските одлуки.

На состанокот на групата за помирување било одлучено Предлог закон за амнестија да биде доставен до копретседавачите на телото за интеграција уште денеска за да се забрза неговото донесување, кое се очекува да биде по скратена постапка.

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ, по завршување на состанокот потврди дека со Предлог-законот нема да бидат опфатени организаторите и лицата кои извршиле физичко насилство за време на крвавиот четврток и дека бил постигнат консензус за предложениот текст.

Рамчиловиќ објасни дека сите лица опфатени со овој судски процес ќе треба поединечно да поднесат барање за амнестија.

– Лицето ако смета дека не му е потребно амнестија, дека сака завршни зборови, да оставиме простор да си ја докаже својата улога – изјави Рамчиловиќ.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...