Бидејќи ние Македонците одлучивме да не живееме од рудници и од металургија, а кај и да е ќе им зададеме смртен удар и на преостанатите фабрички оџаци од другите индустрии (транспарентно и без оглед на нивната „провиниенција“), ќе мораме да се потпреме на најголемите богатства што ги имаме – нашата плодна почва, нашите чушки, френки и останати плодови и секако, на плодовите на нашите генијални умови.
Што се однесува до последниов ресурс – паметта – неа ја имаме доволно, во неограничени количества. Бидејќи ионака никој не се жали дека му недостига. И сега тој ресурс е впрегнат во обидите на институциите да се постават „стратешки“ (ах, мојот омилен збор!), односно да смислат не една, туку две стратегии за развој на туризмот, една до 2020 година и друга до 2030 година. Мора со нешто и чиновништвото да се занимава, сѐ помалку крстословки и судоку во веснициве…
Како и да е, Стопанската комора на Македонија, која во принцип гледа дека колава во втора бучи и урла, па мора менувачот да се уфрли во трета и четврта брзина, организираше Форум за стратешки развој на туризмот и за ефектите на државната политика за подобрување на бизнис климата во Македонија. Таму домашните умови откриваа топла вода и расправаа дали ни треба масовен, елитен, алтернативен, рурален или еколошки туризам (има уште некаков?), додека „странците“ од Црна Гора и од Словенија се однесуваа како Марсовци, споделувајќи ги своите банални искуства за тоа како заработуваат милиони и милијарди евра во оваа стопанска гранка.
Се скинав од смеење кога прочитав како еден „шлакнат“ Словенец, на пример, на нашиве „генијалци“ им објаснувал дека во Словенија веќе не се градат хотели, туку кампови, во кои туристите се поврзани со природата. Можам да замислам како еден охридски хотелиер ги поткрева веѓите и вели: „Ампак, з’ш ни се шатори бе брат, кај нас хотелите се од таква категорија и квалитет што гостите секако ни се поврзани и со природата и со општеството!“.
Ме изнасмеа и еден тип што објаснувал зошто Црногорците сега инвестициите од морето ги селат во планините. Хотелиеров мој: „А мор, мрднат еден, ам ние сега од планини слегваме во градовите, во Скопјево. И купваме станои. Нема назад да се враќаме!“
И така…
Како неумен и неексперт за оваа област, јас само едно ќе ви речам – како и да размислува човек на темата туризам, мора да почне од аксиомата дека без странец сајбија (приватен сопственик, концесионер и слично), без странски ум што лесно ќе ги разбере потенцијалите на овој наш простор и потоа ќе донесе странски брендови и ескпертиза, ништо не правиме. Ништо!
Не зашто Македонците се глупави, туку од причина што во туризмот, како и во многу други области, луѓето се толку многу заглавени во сопствените тесногради интереси, што никако не можат да ја видат големата слика. А не можат, бидејќи сликата е толку голема, што не можат себеси да се видат во неа.
Во меѓувреме, се надевам, иницијативните, претприамчивите и иновативните умови, какво што сепак има Македонија, ќе направат некои убави работи. Ќе ги мотивираме и ќе ги поддржиме. Бидејќи треба да се дејствува стратешки, ама и брзо. Нашите соседи толку брзо напредуваат, што мора буквално со трчање да скокнеме во експресниот воз.