Кон крајот на неделава собраниското тело за помирување би можело да излезе со текст на законот за помирување, кој, како што дознаваме неофицијално, би требало да биде голем исчекор кон помирувањето во врска со настаните од 27 април, а од кое исход чекаат и двајца обвинети пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски.
Министерката за правда Рената Дескоска денеска потсети дека Законот за помирување е закон што не се работи во Министерството за правда, туку во рамки на Телото за помирување во Собранието.
– Сите решенија ќе произлезат од таму и ќе бидат донесени во Парламентот – изјави таа пред денешната дебата за Предлог-измените на Законот за судови.
И по речиси еден месец од формирањето, ова тело на зелената маса не понуди предлог закон за амнестија на учесниците во настаните од 27 април 2017 година во Собранието, што беше еден од четирите услови на осумтемина опозициски пратеници кои со својата поддршка овозможија со двотретинско мнозинство да почне промената на Уставот, кон средината на октомври. Одолговлекувањето на процесот на помилување ги подгреа шпекулациите дека владејачкото мнозинство може да се соочи со проблем околу поддршката на уставните измени при конечното гласање за четирите уставни амандмани во Собранието, кое треба да се случи на 15-ти јануари 2019 година.
– Убеден сум дека никој нема шанси да го сопре процесот на интеграција на земјата во Европската Унија и во НАТО – вели Горан Мисовски, потпретседател на Собранието за Плусинфо.
Инаку, во пресрет на последните чекори за уставните измени, собранискиот спикер Талат Џафери испрати порака до сите што се вклучени во парламентарното мнозинство и во институциите што се носители на обврските кои произлегуваат од спогодбата со Грција, да бидат внимателни. Џафери побара да не се провоцира ситуација која, како што рече, би била спротивна од определбите за исполнување на договорот во завршна фаза. Неговата загриженост, како што појасни, се однесува на сите постапки и случувања околу функционирањето на институциите и затоа го испратил апелот да не се провоцира ситуација.
Пред изјавата на Џафери и лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за Радио Слободна Европа рече дека чувствува немир во врска со уставните измени и предупреди дека поради невнимание на институциите, целиот процес би можел да биде повреден токму во оваа последна фаза.
За да се смени Уставот, потребни се 80 гласови. Претходно, поддршката што ја дадоа осумте пратеници од опозицијата беше условена со четири точки, меѓу кои, формирање тело за помирување, од кое сега се очекува предлог за амнестија. И во последната фаза од процесот е неопходна поддршка од 80 пратеници во Собранието.