Планинарката Даница Стојановска е голем љубител на ноќните искачувања на планински врвови. Таа е член на Високогорско алпинистички клуб Анапурна. Како што вели и самата, одењето во шума доцна во ноќта со добра екипа, за неа претставува посебна магија. Изгрејсонцето на планина и е посебен мотив поради кој е вљубена во ноќното планинарење.
– Темнината и ѕвезденото небо ми будат посебни чувства. Понекогаш е подобро да не гледаш каде се движиш заради висината и опасноста на теренот. Силуетите на високите карпести врвови ме оставаат без здив – објаснува младата планинарка.
Таа уживала во ноќната убавина на повеќе искачувања на Пелистер, Јакупица, Титов Врв, Љуботен, Кожуф, Водно… Од странските врвови, во доцната доба ги има искачено Митикас и Стефани (од Кулоари) на Олимп во Грција, а од списокот ги прешкртала и некои од подолгите искачувања на Алпите.
– Од супер одлично време, по тој карпест и опасен терен, на пет минути пред врвот Стефани, почна ненадејно да врне дожд, што уште еднаш ни укажа за непредвидливоста на планината – вели успешната планинарка за Плусинфо.
Стојановска додава дека ноќното планинарење и се допаѓа и во зимските услови на минусни температури, кога се оди по мраз, но и во летните денови кога во градот е претопло, а на планина навечер е сосема пријатно.
Иако тоа во светот е позната работа, кај нас помалку се практикува.
– Кај нас ова не е толку застапено, ние сме едни од ретките кои организираме планинарски акции од ваков тип – појасни Стојановска.