Уставните измени ќе се донесат после Божик

155

Процесот на уставни измени согласно Договорот од Преспа по одржаните пет јавни дебати што ги организира Владата за четирите нацрт-амандмани влегуваат во финална фаза. Владата има обврска да достави Извештај до Собранието за јавните дебати и предлог-амандманите, по што согласно собранискиот Деловник, претседателот на Парламентот треба да ја закаже пленарната седница не порано од триесет дена. Во оваа фаза на уставните измени амандмани на нацрт-амандманите можат да поднесуваат и пратениците. Уставните амандмани ќе се сметаат за донесени доколку за нив гласаат 80 пратеници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе ги најави комисиската расправа за амандманите на Уставот за 17 декември, и пленарната седница на Собрането која треба најрано да биде закажана на 9 јануари идната година, а гласањето да се случи на 15 јануари.

– Владата има обврска да поднесе извештај до Собранието во однос на јавните расправи, како и предлог-амандмани кои ќе треба да се дебатираат во завршна фаза на пленарна седница. Согласно Деловникот, комисиската расправа ќе се случи на 17 декември на која ќе може да се предлагаат амандмани на предложените амандмани од страна на Владата. Со завршување на таа комисиска расправа која ќе тече според фазите што се предвидени во Деловникот, моите предвидувања се дека најрано на 9 јануари ќе се свика пленарна седница која треба да заврши на 15 јануари на која ќе се случи финално гласање на амандманите на Уставот – рече Џафери вчера на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Грамоз Ручи.

Во однос на изразената загриженост на лидерот на ДУИ Али Ахмети околу усвојувањето на уставните амандмани, Џафери смета дека тоа е веројатно, како што вели, апел за да се има внимание во постапувањето натаму за да не се иритира, односно провоцира ситуација која би била во спротивност со определбите за целосна имплементација на договорот од Преспа.

Премиерот Зоран Заев, пак, на вчерашната четврта по ред дебата за уставните измени, што се одржа во Штип, повтори дека доколку Грција не ги исполни своите обврски, односно не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО, во тој случај нема да стапат во сила ниту уставните измени. Заев е оптимист и дека за гласање на уставните измени ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Парламенот.

На трите претходно одржани јавни дебати во Скопје беа изнесени експертски предлози за подобрување на нацрт-амандманите, како и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот на државата.

На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. По исклучок амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот може да поднесе до заклучување на претресот само заради
усогласување на текстот на предлогот на амандманите кои се измениле поради усвојување на некој амандман.
Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и на Законодавно-правната комисија и пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот, може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно. По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена. Пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Пратеникот во текот на претресот по амандман на текстот на предлогот на амандман на Уставот може да говори само еднаш во траење од 10 минути.

Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути. Претставникот на предлагачот може да говори само еднаш во траење од пет минути.

Само подносителот на амандманот на текстот на предлогот на амандманот на Уставот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути.

Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.

За донесување на уставните амандмани потребно е да гласаат најмалку 80 пратеници.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...