Али, задрогаз од Зајас

5040

Во викенд-интервјуто на Радио Слободна Европа на македонски јазик, на прашање на колешката Фросина Димеска за тоа дали мисли дека ќе има проблем во обезбедувањето на двотретинско собраниско мнозинство за промена на Уставот, Али Ахмети одговара вака:

„Сега, да ја кажам вистината. Како да имам еден немир, затоа што ова е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невниманијата на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес кој веќе е затворен и дека е завршен. Овој процес сè уште е во развој и треба сите државни институции, законодавни институции, институциите кои ги спроведуваат законите, да бидат внимателни, да го чуваат од некоја надворешна инфламација, затоа што лесно може да се загрози имунитетот на овој процес.“

Молам за пауза… Прочитајте го уште еднаш овој одговор на Ахмети… Прочитавте?

Добро: Има ли некој кој разбира што сака да каже Али Ахмети?

Тотална конфузија. На прв поглед.

Вистината – која посакал да ја каже Ахмети уште на стартот од одговорот – е еден од најкомплексните општествени феномени во секоја култура на која било заедница. Такви се, на пример, и концептите на слободата или оној на правдата, бидејќи тие, како и вистината, не зависат од фактите – за фактите, имено, мораат сите да се согласат, пред да влезат во расправа за вистината – туку од контекстот во кој се интерпретираат фактите. Културата е процес на „колективно програмирање на умот“ (Хофштеде), како софтвер низ кој поминуваат фактите, за да се „произведе“ своевидна вистина.

За полесно да ме сфатите, еве еден класичен пример: ако сите се согласиме за фактите – дека човек врзал десет килограми експлозив на себе и, точно на пладне, се разнел убивајќи уште десетици други луѓе – како тој човек во интерпретацијата на вистината од едни е прогласен за херој и маченик, а од други за терорист и злотвор, без да има спорење околу фактите?

Значи, со Ахмети, околу фактите за процесот во Собранието, лесно ќе се согласиме: „ова е еден многу важен процес“… И толку. Сето друго се интерпретации на неговото толкување за тоа што е вистина: „повреди од невниманијата на институциите“, процесот „да го чуваат од некоја надворешна инфламација“, „лесно може да се загрози имунитетот на овој процес“ и сл. Односно, „институциите кои ги спроведуваат законите, да бидат внимателни“, бидејќи во интерпретацијата на вистината на Ахмети за потребата од „внимателност“ е тоа институциите, всушност, да не функционираат.

А, бе, Али, што се плеткаш, што мудруваш, како да си некој аристократ од Британскиот парламент, а не марксист-ленинист од Зајас?! Кажи јасно, не нè терај да се занимаваме со дискурзивни анализи на твоите когнитивни капацитети: Јас барам да се даде целосна амнестија за злосторствата од 27 април (и пошироко!), како што бара ВМРО-ДПМНЕ, за да поминат уставните измени едногласно и да влеземе во НАТО!

Оти, си вика Али, сите ќе се испазарат за своите кривични дела, а што правам јас со моите истраги во СЈО?! Сега, да ја кажам вистината, и тој треба да се појави и да гласа во Собранието, за да има двотретинско мнозинство.

Што се трткаш, бре Алија, со „надворешни инфламации“ (мисли на ОЈО, СЈО, Суд…) и со загрозување на „имунитетот на овој процес“, што ќе рече слабата отпорност на обвинетите за извршените тешки кривични дела?! Кажи: Што било – било, не вредат сто души в затвор, ако Македонија не влезе во НАТО!

Како што гледате, во интерпретацијата за тоа што е вистина, културната матрица, односно „програмот“ на Али Ахмети вели дека колективното добро не треба да биде загрозено од истерувањето на поединечна правда – и врз него, на пример. Или, неказнивост треба да има, ако е тоа за општ напредок на заедницата.

Проблемот со ваквата интерпретација на вистината е што неказнивоста е секогаш итна и многу опиплива; а доброто на заедницата е на вересија, постојано се одлага за подобри времиња. Што викаа на времето: Жути жутују, црвени путују! Па, поради неказнивоста, никако да стигнеме до она што е добро за сите.

А Али е од тие кои црвено-патуваат без престан веќе 17 години… Затоа е полн со мудрост кога треба да се интерпретира вистината, без „надворешни инфламации“.

Али, задрогаз од Зајас.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...