Трајко Вељаноски ќе сведочи за „27 април“

Кацарска посочи дека веќе следната недела се планира обвинетите и нивните бранители да почнат со изнесување на завршните зборови.

134

Со сослушување на четворица сведоци, меѓу кои и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, денеска во Кривичниот суд во Скопје ќе продолжи судењето за настаните од 27 април минатата година во законодавниот дом.

Вељаноски е сведок на обвинетиот Горан Ѓошевски Леви, кој беше началник на неговото лично обезбедување. Тој беше повикан да сведочи вчера, но еден од другите двајца сведоци на Леви не дојде во судот, па испрашувањето на сите сведоци на овој обвинет судечкиот совет го префрли за денеска.

Судијката Добрила Кацарска најави дека и на рочиштето закажано за четврток ќе бидат сослушувани сведоци, а во петок обвинителството треба да приложи дополнителни докази.

Кацарска посочи дека веќе следната недела се планира обвинетите и нивните бранители да почнат со изнесување на завршните зборови.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...