Не знам, упорно се трудам да разберам, можеби толкав ми е капацитетот ама, уште еднаш: што мајка бара „Радио Милева“ до министерот за надворешни работи на третата јавна расправа за уставните амандмани? Да не организирал и потпишување на неговата „книга“ по расправата? Можеби грешам, ама мислат ли луѓево како нештата ги гледа јавноста, какви пораки испраќа нивното однесување? Не можат / не смеат на итроманот да му кажат не? Зошто? Затоа што бил претседател на Собрание, што ли? Па добро, ако овој е човекот од доверба, уапсете ги, конечно, „атентаторите“, ако веќе толку го љубите итроманон! Или читајте го Еко, по ѓаволите, или барем Барт и нивните толкувања на таквите „слики“.
Некој веројатно ќе рече: историјата е таа која последна суди. Па не баш, историјата не суди, никако, ако е навистина историја. Судат судовите, врз основа на постапки и факти. Суди, секако, и јавноста, но тоа е друг вид на „суд“ и за тоа овде станува збор. Зашто, ако судот (и државните орагани) го игнорира(л) месечарењето на еден шпекулант, работа на јавноста е тоа да го „пресуди“. Ваквите „слики“ не одат во прилог на тоа, а најмалку во полза на вистината. Како впрочем и неодамнешните „слики“ на оваа власт со онаа бившана заменик-министерка за која што сега слушаме низ судниците. Како впрочем и „сликата“ со уставотворецон, итн. Ваквите „слики“ создаваат дополнителен „шум“, додатен смут во таа јавност, и ја развлекуваат вистината, ја разбиваат во парампарче. Уште Стјуарт Хол ги беше поставил трите „позиции“ на примачот како декодер на „сликите“: неспорна идентификација, спогодбена интерпретација со доминантното значење и опозициски став односно „читање“. И понатаму, вели Јакобсон, секоја порака е составена од знаци, знаците се „опиплив“ аспект на секоја комуникација и нивното читање и интерпретирање е фундаментално културна активност. Ама кога ваквите слики се толку доминантни, а нашата публика толку необразована, некултурна и во основа лековерна, што мислиме, какви „читања“ ќе доминираат? Некој ќе рече и можеби ќе биде во право: а што ако токму таквите „читања“ се и идејата на овие „слики“? Да, и таа веројатност постои, друго прашање е дали јас сакам да верувам во неа! И да, се разбира, го имам предвид и „процесот“, па и „немирот“ што, еве, на пример, го спомнува и г-динот Ахмети. Тоа, се разбира, се тенките жилет-линии по кои што деновиве се движи иднината на државата. Но, некои граници сепак мора да постојат, нели?!
Или, ако сакате, а бидејќи веќе ја спомнав историјата, токму нејзина работа е да ја пронајде историската вистина, и да ја пренесе објективно и непристрасно, колку може. Ние по правило се мачиме со обете – и со сегашноста и со историјата. И ги мешаме, ги правиме пуздер. Добро, повторно, историјата е подложна на постојано преиспитување и толкување – па нека е и од типот на онакво налудничаво блебетање – но аргументирано, контекстуално, докажливо … а не простачки и со однапред подготвена пресуда како од времето на Информбирото или идеолошките комисии така блиски до умот на итроманон. На крилјата на таквите „конјуктурни бламажи“ со децении во минатото се одржуваа на власт секакви идеолошки глупандери! А сепак, таквите „толкувања“ на историјата, поблиска или подалечна, вообичаено се нарекуваат многу поинаку. Но тоа отсекогаш бил наш проблем, а денес само мултиплициран до бесвест, и не само од „теориите“ на секакви будали! И впрочем, што е ова подалеку, или поразлично од „историските“ акробации на идиотине што ги слушавме цели дванаесет години, почнувајќи од „антиквизациските сништа“ за нашите некогашни корени, за улогата на четирите свети букви, па дури и за нашето непосредно вчера, и денес, кои што директно ги живее(в)ме ама тие запнале да ни ги раскажуваат на – нивни начин?
Што ќе рече дека повторно, и повторно, се враќаме на тој се уште нерешен сегмент од неодамнешната македонска историја наречен улогата на поединци, и групи, во обезличувањето на земјата, во етаблирањето на Злото, во неговата безрезервна поддршка заради лични и по правило лукративни цели, во уништувањето на културата, образованието, науката … и пораките што ги испраќа државата со нејзиниот (не)однос кон нив. Напластените црнила од блиското минато се бркаат со сегашноста, си играат мижитатара со мртвите и живите, со џелатите и жртвите, а сите заедно со иднината на овој простор кој што, се уште, како да не се (само)дефинира како држава. Зашто, простете ама кој баш сака да живее во земја без име, па земја каде што нема ни минато ни сегашност или обете се некако неприродно сраснати, каде правда се дели низ „мемоари како колбаси“ и низ функционерски кабинети, каде помирувањата се прашање на политички а не човечки (морален и секаков друг) договор? И повторно: го имам предвид „процесот“, го имам предвид потенцијалниот „немир“, ама …
извор: Теодосиевски уметност