Самир Мане: Групацијата „Балфин“ ќе се насочи кон капитални инвестиции во регионот

2217

Претседателот на една од најголемите инвестициски групации во Југоисточна Европа, „Балфин“, Самир Мане, најавува дека нивниот фокус за претстојниот период е консолидација на постоечките инвестиции во Албанија и засилување на активностите во регионот. Во интервју за албанскиот економски магазин и портал monitor.al, тој се осврнува и на соработката со македонската Комерцијална банка со која се насочија кон купување на Tirana Bank. Дополнително, „Балфин“ во моментов е присутен на нашиот пазар со две капитални инвестиции, компанијата „Нептун“ и „Ист гејт“ која пак работи на изградбата на мултифункционален комплекс (спој на шопинг центар, резиденцијален комплекс и бизнис парк) во кој се вложени 350 милиони евра.

Кои се другите инвестициски планови на групацијата „Балфин“ во Албанија и во странство? Каде сметате дека сè уште има потенцијал да се инвестира во земјата?

– Во Албанија ќе се фокусираме главно на туризмот. Во моментов нема други планови за инвестирање во Албанија. Всушност, ние сме во процес на реорганизација на продажбата на дел од бизнисите, за кои е потребно многу менаџерско време. Значи имаме административен и финансиски капацитет за проширување, но ќе гледаме да излеземе од бизнисот кој ни одзема многу време, иако сите наши бизниси функционираат добро. Еден случај, на пример, беше продажбата на Final, каде што ние бевме еден од најголемите акционери.

Исто така преговараме за продажба на дел од малите бизниси кои бараат многу административно време. Намалувањето на портфолиото во Албанија е еден од предизвиците за 2018-2019 година и несомнено друг предизвик е регионалната диверзификација и регионалната експанзија. Балфин ги има сите капацитети да инвестира во секој агол на Европа без никаков проблем. Развојот на компанијата е во таа фаза што можеме да одиме да инвестираме насекаде и тоа ќе го направиме. Во Албанија, засега немаме никаков план, освен тие проекти што веќе сме ги започнале и така ќе биде барем до 2025 година.

Како ја вреднувате средината за водење бизнис во Албанија?

– Средината за водење бизнис во Албанија и Западен Балкан не е најдобрата можна средина. Без сомнение има свои проблематики, но се разбира има и напредок. Дали напредокот е толку брз за да се развива бизнисот. Јас не мислам дека е така. Постои олеснување на практиката, има олеснување на процедурите, но не сите работи се прават во вистинско време. Значи би било добро луѓето да мислат дека бизнисот е на прво место, а политиката на второ.

Зошто ја донесовте одлуката за влез во банкарскиот пазар со купување на Tirana Bank. Кои се плановите?

– Банката исто така беше можност за бизнис. Заедно со Комерцијална банка, една од најголемите банки во регионот, решивме да ја купиме Tirana Bank, тие со својата експертиза, а ние ова го сметавме како бизнис можност. Несомнено, тоа е нова активност во нашиот бизнис, но сметаме дека банкарскиот систем сѐ повеќе се консолидира и сигурен сум дека актери како Балфин се потребни на банкарскиот пазар. Банката за нас е еден од другите бизниси, бидејќи долго време планиравме да се диверзифицираме поради добрите перформанси на групата во последните две години.

Имаше некаков скептицизам од ММФ за да се спречат деловните групи, кои немаат искуство во банкарскиот систем…

– Не сме запознаени со оваа изјава на ММФ, но тоа не е случајот со нас, бидејќи ние имаме искуство, ја имаме Комерцијална банка, која ќе биде акционер. Затоа, советот од ММФ не важи за нашиот случај, бидејќи преку Комерцијална банка имаме банкарско искуство затоа што тоа е една од најголемите банки во регионот.

Во последниве години, групацијата брзо се шири. Како го управувате овој раст?

– Управувањето со растот е несомнено еден од проблемите со кои се соочуваме во нашиот бизнис. Од оваа година почнавме да ангажираме специјалисти од области од целиот свет. Во октомври ќе ангажираме двајца странски специјалисти, еден Aмериканец и еден Kанаѓанец, кои ќе бидат дел од нашиот нов одбор, кои имаат многу големо искуство во бизнис-сферите. Договорите се склучени и тие ќе бидат дел од нашите високи менаџерски структури. Значи покрај вработените Албанци, кои се движат во вистинска насока и се движат кон суперквалификација, сигурен сум дека „Балфин“ ќе има и европско и светско искуство во менаџирање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...