Ако ги нема субвенциите за обезбедување туристи, домашните хотелиери не знаат како би функционирале и дали нивниот бизнис би опстанал. Ова е констатација од одговорите на едно од прашањата на анкетата што ја направило Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора. Анкетата уште покажала и дека главен проблем на хотелите и сопствениците на рестораните во земјава е кадарот и одржувањето на утврдените стандарди.
– Субвенциите во дејноста изминатите години дадоа резултати, но ако ги нема ќе имаме тешкотии. Хотелиерите не се подготвени да работат без субвенции – изјави Горан Дамчевски од Здружението.
Меѓутоа, вели тој, најголем проблем кој го истакнале 90 отсто од прашаните хотелиери и угостители е обезбедувањето едуциран кадар.
– Формалното образование не го дава потребниот број на кадар, а неформалното образование односно дообуката не може да функционира оти нема кого да едуцираме за да вработиме. Сите отидоа надвор од земјава. Проблемот драстично се зголеми во 2017-та и посебно во 2018 година – вели Дамчевски.
Според него, македонските хотелиери ја изгубија конкуренцијата во однос на персоналот бидејќи наспроти нив се хотелиерите од членките на Еврпската унија. Тој меѓутоа, не смета дека ниските плати на работниците се причина поради која тие бараат работа во странство.
– Кај нас е вработен несоодветен кадар, а кога имате несоодветен кадар имате и услуга која не одговара на барањата на гостите. Затоа и платите се ниски. Тие се зголемија од 12.000 на 15.000 до 18.000 за пониските работни места и до 30.000 за раководните. Платите не се исти на пример во Скопје и во Гевгелија каде што има повеќе гости и во Кочани, Делчево каде што состојбата е поинаква. Но во просек тие се платите – вели Дамчевски.
Посебен проблем за хотелиерите, вели тој, е одржувањето на стандардите кои се бараат со законите, подзаконските акти и категоризацијата.
– Рестораните некако ги одржуваат стандардите главно ХАСАП системот, но хотелите иако имаат воведено стандарди имаат проблем да ги одржат. Како причина најмногу ги наведуваат финансиите, но сметам дека проблем е и свеста на менаџерите и секако невичноста на државната Комисија за категоризација на хотелите за да ја заврши добро работата – вели Дамчевски.
Тој предлага во иднина комисијата да ја формира фелата која сама ќе се регулира.
Од Здружението бараат и поактивен однос од институциите во однос на донесувањето Стратегија за дејноста, ажурирањето на Регистерот на хотели и ресторани и сузбивањето на сивата економија.
– Официјално според Регистерот во земјава има 60 ресторани и 145 хотели, но ако ги погледнете имениците и списанијата за понудата ќе видите дека бројот е драстично поголем – вели тој.
Здружението бара и подобрување на инфраструктурата и другите пропратни елементи кои влијаат на целокупното задоволство на гостите, посебно странските кои се важни и за девизниот ефект од секторот.