Обезбедувањето на Чавков тврди дека тој на 27 април во ВМРО-ДПМНЕ отишол дури околу полноќ

1141

Обезбедувањето на поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков кој е обвинет во случајот за 27 април, денеска во судница сведочи за тоа што се случувало дента.

Никола Димитриевски кој е член на неговото обезбедување рече дека Чавков околу 18 часот го однеле во неговата канцеларија во „Технометал Вардар“ што е спротивно на она што го кажа Александар Василевски Нинџа.

Нинџа кажа дека од околу 18 часот до околу 19 часот на 27 април, Чавков бил присутен во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 8-от кат.

Димитриевски кажа дека го однеле Чавков во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дури околу полноќ, бидејќи тој им рекол дека треба да се види со Никола Тодоров.

– На 27 април бевме на работа тројца колеги. Од дома го земавме директорот Чавков во 9.30 часот утрото. Во МВР бевме некаде околу 10 часот. Имаше состаноци се задржавме до кај 13.30-40 часот. Потоа отидовме спроти „Сити Мол“ во забна ординација, таму се задржавме саат и пол до два. Потоа влеговме во „Сити мол“ саат време. Оттаму отидовме во „Скара бар“ таму не се задржавме многу, не знам точно, но саат ипол некаде беше. Оттаму го однесовме во канцеларија во „Технометал Вардар“ околу 18 часот. Таму се задржавме 2 часа, а од канцеларијата го однесовме во МВР таму бевме до кај 12 часот на полноќ и потоа го однесовме во партија во ВМРО-ДПМНЕ, како што ни рече, бидејќи треба да се види со Тодоров и потоа го вративме дома – ја раскажа Димитриевски листата по која се движел Чавков.

За канцеларијата во „Технометал Вардар“, обезбедувањето кажа дека тоа му била помошна канцеларија во која имал службени и приватни документи, бидејќи таа што ја користел како помошна во МВР морал да ја ослободи кога се формираше техничка влада.

– На 27 април во таа канцеларија во „Технометал Вардар“ пристигнавме околу 18 часот. Паркираме во гаража, двајцата колеги останаа кај возилото, јас се качив со него да ги однесам документите и потоа останав пред канцеларија. До 19 часот немаше галама, после почнав да слушам разговори на телефон затоа што немаше никој во околните канцеларии и вратата беше обична. Слушав како Чавков даваше команди – рече обезбедувањето.

Оттаму Чавков побарал да го однесат во штабот во МВР кој бил во граничната полиција на приземје. Таму биле речиси сите кои биле на функции во МВР тој период.

– Директорот почна да дава команди на Сашо Митевски. Покрај него стоеше Митко Пешов, Нухиу доаѓаше. Не гледав цело време внатре, но можев да забележам дека 99 отсто од командите ги даваше Чавков на Сашо Митевски кој преку врска-телефон ги пренесуваше – рече Димитриевски.

Околу полноќ го однеле во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа дома. По овој сведок го испрашуваше и Нинџа кој го праша дали за гаражите на „Технометал Вардар“ се користи истиот премин како и тој што се користи за штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а исто така Нинџа го праша и дали знае дека околу 19 часот неговиот колега, шоферот на Чавков, бил пред Собранието.

– Можам со сигурност да кажам дека не бил пред Собрание од проста причина што беше шофер тој ден – рече обезбедувањето на Чавков.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...