Помирувањето во нов јазол

662

И покрај најавите дека денеска во Собранието на состанокот на телото за помирување ќе биде претставен предложениот текст на законот за помирување, тоа не се случи – состанокот траеше кратко, едвај четириесетина минути, колку да се констатира дека помирувањето се уште е врзано во јазол.

Овој пат, како што брифираат неифицијални извори, прагот на сопнување кон договор на текст за помирување биле забелешки за правните квалификации на предвидената амнестија за дел од учесниците во настаните од 27 април и како да се направи дистинкцијата на делата сторени на крвавиот четврток, откако премиерот Зоран Заев изјави дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите.

Овие дилеми се очекува да бидат разгледани во пратеничките групи и утре да се одржи нов состанок на членовите на телото.

Премиерот Заев претходно изјави дека има политичка волја за помирување, но предупреди дека црвените линии не смеат да се поминуваат за да не се поттикне влијание врз правосудниот систем.

Премиерот потсети дека реформите и независноста на судството се императив во евроинтеграциските процеси за влез на земјата во НАТО и во ЕУ и затоа препорача внимателно да се пристапи кон процесот – да има подадена рака, но и порака да не се повтори насилството на 27 април.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...