Продор на светскиот пазар бизнисите од малите земји можат да остварат само преку следење на новите трендови и новите технологии, оти тие на нивниот производ му овозможуваат да биде конкурентен. Посебно е значајно и пазарите на малите земји да бидат отворени кон светот. Ова беше речено на денешниот „Самит на мали земји – нови трендови во бизнисот“, организиран од Стопанската комора на кој учествуваат бизнисмени експерти и научници.
– Битно е да видиме дека новите технологии носат нешто ново на малите пазари кои не се доволно јаки за да можат да конкурираат на глобалниот пазар– вели Мојмир Оцвирк од Словенија.
Тој смета дека е најважно да се создаде можност младите да размислуваат како претприемачи и да се види дали новите технологии може да им помогнат на бизнисите успешно да преминат на светскиот пазар.
Не ги одобрува бариерите, кои како што рече, се создаваат во главите на политичарите кои ги прават државните стратегии кои на бизнисите треба да им обезбедат поволни услови за работа. Смета дека и образовниот процес треба да се стави во функција на новото и очекувањата на бизнисот.
Словенечкото искуство, како што рече Боштјан Шпетич, директор за развој, на компанијата „Програмик“ од Словенија, покажало дека на бизнисите треба да им се остави да функционираат самостојно и тие ќе се снајдат во новите технологии.според него има разлика меѓу старите и новите бизниси но тоа треба да се надмине.
– Нивите информатички технологии го менуваат начинот на работа во секој сектор од економијата па и во здравствениот систем, вовоедувањето на зелените возила потоа во доброто функционирање на банките и секаде– вели Шпетич.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека малите земји како Македонија мора да бидат отворени кон светот, а за развој на економијата потребно е да се има стабилна политичка состојба и владеење на правото.
Во насока на подобрување на конкурентноста на македонските компании, Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека се донесени мерки за поддршка на стопанството со кои се стимулира технолошкиот развој на компаниите, нови инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните.
-Планот за економски раст особено внимание посветува на интернационализацијата на македонските компании, односно поддршка за унапредување на нивната конкурентност и зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари. Особено е значајно дека Владата препознавајќи ја потребата на бизнисите за пристап до поголеми пазари, односно до повеќе потрошувачи, креираше мерки токму за неповратна финансиска поддршка за компании кои ја зголемиле својата конкурентност на нови пазари, како и поддршка на компаниите за освојување на нови пазари и пораст на продажбата – рече Анѓушев.
За зголемувањето на БДП во малите економии како што е македонската, според Анѓушев, клучни се два механизми и тоа извозот и инфраструктурните инвестиции кои треба да бидат продуктивни.
– Извозот во БДП учествува со 54 отсто и ако сакаме да оствариме раст од пет до шест проценти на БДП, колку што ни е потребен за полека во период од 15 до 16 години да ги стигнеме европските стандарди, треба да имаме најмалку 65 до 70 проценти учество на извозот во БДП -рече Анѓушев.
Академик Жан Митрев, во чија болница се одржува Самитот, говореше дека новите технологии се важни и за здравствениот сектор.
– Ние во новата болница воведовме нови технологии во градбата, опремувањето и вградувањето на медицинската технологија.Гледавме да бидат задоволени сите стандарди и да се наметнат нови стандарди во функционирањето на лекарската практика безбедноста на персоналот и пациентите- рече Митрев.
Тој забележа дека зафаќањата од страна на државата во приватниот медицински сектор се високи што бара од нив да го оптимализираат целокупното работење.
Акцентот на дискусијата, освен на дигитализацијата и на етичката страна на дигиталниот пазар, во текот на панел дискусиите кои ќе се одржуваат денеска, ќе биде ставен и на меѓународните бизнис релации, како и на „старт-ап“ иновативните бизниси.
– Имплементацијата на новата технологија во работењето на компаниите од. мали земји им нуди неограничени можности. Достапноста до светскиот пазар ги доведува во скоро еднаква позиција со најголемите играчи во секторот и придонесува за зголемување на нивната конкурентност – велат од Комората која го организиара овој настан.
Од конференцијата се очекуваат конкретни заклучоци кои би послужиле во креирањето на натамошните економски политики.
– Целта е да предочиме на новите трендови во бизнисот, како и на приспособувањето на современите услови со цел континуиран пазарен успех. Конференцијата треба да придонесе за подобрување на бизнис врските преку користење современа технологија, како и визија за правецот на движење на бизнис секторот во иднина, со посебен акцент на „краудфандинг“ моделите и иднината на „крипто-светот“, како и на етичките аспекти од воведувањето на новите технологии во бизнисот – потенцираат од Стопанската комора.