СЈО пронашло „бомби“ кај лице кое се поврзуваше со јутјуб-каналот Никола Тесла

Инаку, станува збор за лице кај кое тимот на Катица Јанева правеше претрес минатото лето и кое, како што тогаш објавуваа медиумите, беше на распит во СЈО.

4032

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) објави дека, покрај работата со 606.555 „бомби“, анализира и други повеќе од 100.000 аудио снимки. Тие, како што вчера наведе Катица Јанева во шестмесечниот извештај за работата на Обвинитрлството, биле пронајдени при претреси кај неколку лица.

Едно од тие, дознава Плусинфо, е лице кое во јавноста неофицијално се поврзуваше со јутјуб-каналот Никола Тесла на кој беа објавувани разговори. Аудио-фајлови кај тоа лице СЈО пронашло при претрес во предистражна постапка.

Инаку, станува збор за лице кај кое тимот на Катица Јанева правеше претрес минатото лето и кое, како што тогаш објавуваа медиумите, беше на распит во СЈО.

Од СЈО во шестмесечниот извештај објавен вчера се споменува само дека во процес е анализа на овие „бомби“.

„Ова јавно обвинителство, исто така, е во процес на анализирање на повеќе од 100.000 аудио фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број овие аудио фајлови претставуваат предмет на незаконското следење на комуникациите“, пишува во извештајот.

И во случај СЈО да утврди дека не станува збор за незаконско следење на комуникациите односно дека разговорите од овие снимки се легално прислушувани, се отвора прашањето, како тие разговори излегле од институциите и завршиле во нечии домови?

За овие над 100.000 аудио-фајлови во својата денешна колумна за „Цивил медиа“ пишува и Сашо Орданоски. Тој потсетува дека СЈО при примопредавањето на „бомбите“ од Зоран Заев прими околу 600.000 аудио фајлови, за сега, како што наведува, во претреси на нечии простории да откријат уште 100.000.

„Можеби јас добро не сум разбрал, но мене ми се чини дека ова подразбира дека некој поседувал огромно количество на прислушувани разговори вон „контингентот“ со кој располагал Заев, односно дека тој некој со месеци и со години имал непречен пристап до нивната содржина, до моментот кога му биле запленети од страна на СЈО во постапка на претрес на негови два објекти. Се извинувам, не е ли логично да се праша кој е тој НЕКОЈ?“, пишува Ордановски.

Понатаму тој прашува и дали се работи за нелегално прибавена „сопственост“ на две разузнавачки „бегалки“ кои бараат политички азил во Грција? Или, пак за некој друг?

„Ако не ме лаже сеќавањето, СЈО упаѓаше во некои станови пред некој месец, на една позната, релативно ситна битанга од скопскиот малку-политички-малку-криминален-малку-бизнис полусвет, кој потоа плачеше и се закануваше по фејсбуци дека му се одземени компјутери, дискови и стикови и дека ако не му се вратат ќе-видат-они-што-ќе-им-се-случи… На претресот на просториите на таа ли будалетинка реферира СЈО?“, прашува Ордановски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...