Токио во спринт за Олимпијадата, најавен спектакл со невидени технолошки достигнувања

Се прогнозира продажба на десет милиони билети, трошоците за организацијата засега се на бројка од 12 милијарди долари, а очекуваната заработувачка е 27 милијарди долари.

73

Заштита на културното наследство и континуираниот успех на технолошкиот напредок, односно успешеното спојување на минатото и иднината се постулатот на Летните олимписки и Параолимписките игри, што ќе се одржат во 2020 година во Токио. Околу 15.500 натпреварувачи – 11.090 олимпијци и 4.400 параолимпијци ќе се натпреваруваат во 33 спортови на Олимписките и во 22 на Параолимписките игри. Планирани се вкупно 339 настани на Олимписките и 539 на Параолимписките, а овој светски спортски настан е предвидено да се одржи во 43 објекти.

Најавувана уште отсега како најиновативна, сензационална, со примена на најновите достигнувања во технологијата Олимпијадата во 2020 година се заснова на три коцепти – постигнување на најдоброто од себе, единство на различностите и поврзување со иднината.

Се прогнозира продажба на десет милиони билети, трошоците за организацијата засега се на бројка од 12 милијарди долари, а очекуваната заработувачка е 27 милијарди долари.

МИА имаше можност да разговара со директорот за медиуми на Токискиот  комитет за огранизација на Игрите, Кентаро Като, кој посочи дека е предвидено учество на 80 волонтери. Барања за волонтирање може да се поднесат до 21. декември, а досега поднеле над сто илјади лица. Се очекуваат да дојдат од целиот свет, првенствено  оние кои веќе имале искуство на претходните Олимпијади.

Штедењето и избегнувањето на непотребните трошоци, што е карактеристично за Јапонците, ќе биде применето и во организацијата на Игрите. Четириесет и три објекти ќе бидат вклучени во служба на Игрите, но само осум од нив ќе бидат новоизградени или реконструирани, 25 се постоечки објекти, додека десет ќе бидат монтажни, а по завршувањето на Олимпијадата ќе бидат отстранети.

– Во Токио нема да има класичен Олимиски парк, сите спортови нема да бидат сконцентирани на едно место. На претходните Олимиски игри се градеше Олимписки парк, а потоа тој не беше искористен. Такво нешто не е практично. Во Јапонија има различни спортски објекти, кои сакаме да ги искористиме, тоа е веќе еден од нашите концепти – вели Като.

Сепак, тој во разговор за МИА, нагласува дека овој начин на организација има и негативна страна – далечината меѓу објектите, кои ќе бидат распоредени во десет префектури, а еден од предизвиците со кои ќе треба да се соочат е добрата координација. А и од безбедносна гледна точка, додава тој, ќе беше полесно Игрите да се на едно место, но сепак се одлучиле на ваков пристап, а со оглед на беспрекорната организираност на транспорот не се сомневаат дека ќе успеат.

Објектите се поделени во две зони, едната е онаа во која се наоѓаат објектите кои веќе се користеле за Летната олимпијада во Токио 1964 година, а другата е во заливскиот дел на градот, кој ќе биде симболот на иднината и урбаниот напредок. Помеѓу нив ќе биде сместено Олимпиското село.

И тука Јапонците ја покажуваат својата прагматичност. Како што појаснува Като во разговор за МИА направен е договор со приватни компании, кои по завршување на Игрите, ќе ги продаваат становите,  во кои ќе престојуваат натпреварувачите.

– Вообичаено малку од објектите во олимпиското село се користат по завршувањето на Игрите и доколку потоа ги урнеме тоа ќе биде само беспотребно трошење пари. Приватниот сектор ќе биде одговорен за апартманите, Организацискиот комитет само ги позајмува овие згради, во кои ќе престојуваат натпреварувачите, а потоа приватните компании ќе ги продаваат тие станови – додава тој.

Кон Олимписките игри се додаваат пет нови спортови, безбол и софтбол, карате, скејтборд, клајмбинг и сурфање. Овие пет спортови не се подразбира дека ќе бидат вклучени и на листата на следната Олимпијада, следните организатори, како што појасни Като можеби ќе побараат други спортови, а овие пет биле побарани од Јапонија и поради тоа што некои од нив се  традиционално, а некои од нив се сметаат за нови урбани споротиви.

Маскотите се веќе дизајнирани, Мираитова и Сомеити, а ги избрале учениците од сите основи училишта во Јапонија, што било дел од едукациската програма.

– Доколку некоја видна личност или политичар ги избереше маскотите сигурно ќе имаше критики и никој немаше да биде заодоволен, затоа тие се избрани од децата, нагласи Като. Појасни дека Мираитова значи вечна иднина, а Сомаити е еден од вид на цутење на познатите јапонски цреши.

Рециклирањето ќе биде еден од белезите на Игрите. Златните, сребрените и бронзените медали кои ќе им се доделуваат на победниците ќе бидат изработени од скапоцените метали во веќе искористени мобилни, компјутери, телевизори, гаџети.

Во врска со безбедноста Като нагласува дека таа ќе биде предизвик со оглед на тоа што нема единствен Олимписки парк.

– Обезбедувањето ќе биде на повеќе локации, објектите се одвоени, а сите ќе мора да се обезбедуваат и одвнатре и однадвор, додава тој.

Четиринаесет илјади лица засега е планирано да бидат вклучени во обезбедувањето. Тоа се припадници од околу сто компании за обезбедување, а за бројот на полицајците кои ќе бидат агажирани не даде бројка, но напомена дека на Игрите во Лондон и и Рио Де Женеиро организациските комитетите до последен момент се обидувале да ја обезбедат потребната бројка, но сепак на крајот морале да вклучат полицајци и пензионирани полицајци.

Од Олимпијадата очекуваат позитивен импакт врз пазарот на труд, околу две милиони лица ќе бидат вработени од целата земја за време на Игрите, а вкупната бројка на персоналот ангажиран за светскиот настан ќе изнесува околу три милиони лица.

Технолошките достигнувања на Јапонија ќе најдат своја примена и во Олимпијадата. Во употреба ќе биде ставена нова технологија за идентификација, секој кој влегува на некоја од локациите ќе биде снимен со камера, која ќе го скенира неговиот лик не повеќе од 0,3 секунди, по што тој веќе ќе биде внесен во системот, со што ќе се избегнат повторните долги проверки на лицата кои веќе еднаш влегле во објектите.

-Ќе се избегнат долгите процедури на повторни проверки, а од од овој систем корист ќе имаат сите, особено новинарите и волонтерите, додава Като.

Јапонците како лидери во роботската индустрија подготвуваат роботи да „работат“ како преведувачи, давање насоки за превозот и локациите, а Токио подготвува и такси возила кои возат сами без возач, а кои ќе служат за превезување на гледачите и спортистите до стадионите и салите за натпреварување. Олимијадата во 1964 година Јапонија ја искористи за промоција на Шинкасен, првиот воз во светот, кој се движеше со брзина од над 200 километри на час.

Олимпискиот оган ќе пристигне на 20 март 2020 година во три префектури, кои се најпогодени од природни непогоди, Ивате, Мијаги и Фукушима, а со тоа Јапонија сака Олимпијадата да ја искористи и за унапредување на механизмите за заштита од непогоди, но и за промовирање на заштита на животната средина.

Се уште не се дефинирани детали околу отворањето, кои пејачи или други познати личности би биле вклучени, но како задолжен за организирање на тие активности е назначен познатиот јапонски актер Номура Мансаи.

– Помина само една година, откако го го формиравме Организацискиот комитет, а ентузијазмот за Игрите се повеќе и повеќе расте. Комитетот не губи време за подготвува на Олимпијадата во 2020 година и сметам дека досега направивме голем прогрес. Согласно нашата визија за Олимписките игри во 2020 година, посветени сме да ги инспирираме младите генерации, но и да им оставиме на Токио, на Јапонија и на светот трајно наследство, како и да демонстрираме дека спортот има моќ да го смени светот и нашата иднина, изјави неодамна претседателот на Организацискиот комитет на Токио – Јоширо Мори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...