Мицкоски: Бараме оставки од Димитров и Спасовски

524

Владата предводена од Зоран Заев jа завитка Македонија во црнила, го уценува народот и му го менува идентитетот, заради што мора да поднесе оставка и да си замине од власт, оти ќе биде казнета за своите криминални постапки, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот што се одржа во Кочани.

Според Мицкоски, време е да се стави крај на лажните ветувања за земјоделците дека ќе им биде откупен оризот и другите производи, како и за пензионерите на кои наместо да им се зголемат, пензиите им се намалени.

– Црнила создава оваа власт за работниците, за младите, за професорите  во училиштата и за лекарите во болниците кои масовно се иселуваат поради неисполнетите ветувања за плати од сто илјади денари. Домашната економија е во постојан пад, а расте само онаму каде што има странски инвеститори кои СДСМ ги напаѓаше, клеветеше и ветуваше дека ќе ги избрка од државата. Нема ништо од повратот на ДДВ, ниту пак тринаесетта плата, а со новите и покачени даноци народот одвај врзува од први до први. Наместо тоа, сакаат да сменат уставното име на државата, а ако ги критикувате ќе дадат наредба да ве испрашуваат и да ве апсат, само затоа што сте горди Макеоднци и си ја сакате државата. За да влеземе во Европа не треба да го менуваме името, туку ние да се европеизираме, односно да престанат криминалот, корупцијата и прислушувањето во судството – истакна Мицкоски.

Од протестот во Кочани, претседателот на најголемата опозициска партија испрати неколку барања за кои рече дека произлегуваат од народот.

– Бараме оставки од министерот  за надворешни работи кој својот народ го нарече „искомплексирана нација“, како и од министерот за терор и прогон, односно за полиција, затоа што спроведува само шпионски акции, претреси и омаловажување на граѓаните. Исто така, бараме да запре иницијативата за покачување на даноците и да престане осиромашувањето на бизнисот и граѓаните. Да се преземат мерки за намалување на загадувањето со гасификација на Македонија од центртално до општинско ниво. Најнакрај, бараме да се формира независно тело, чиј претседател ќе го предложи опозицијата, а кое ќе ги преслуша, анализира, систематизира сите материјали што се собрани во изминатите две години како резултат на црниот Вотергејт на Заев, односно прислушкувањето на сите судии и обвнители, за да се откријат нарачаните обвиненија за членовите на ВМРО-ДПМНЕ – истакна Мицковски.

На крајот од обраќањето пред граѓаните во Кочани, лидерот на опозицијата рече дека протестите ќе продоллжат, а злоделата што ги прави власта нема да и бидат заборавени, поради што таа ќе ја добие заслужената казна на првите наредни избори за претседател на државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...