По нередите, Париз се враќа во нормала: Чистачите по улиците, продавниците и спомениците отворени

314

Париските споменици денеска повторно се отворени за посета, чистачите се по улиците, сопствениците на продавници ги отворија вратите и животот во францускиот главен град постепено се враќа во нормала по вчерашните протести и судири, во кои беа повредени 135 лица, од кои 71 во Париз, и е предизвикана голема материјална штета, јавија локалните медиуми.

Претседателот Емануел Макрон објави твит со пофалби до полицијата, но во исто време расте притисокот врз него да понуди нови решенија за да ги смири лутите Французи.

Бројот на повредени во вчерашните протести на „жолтите елеци“ беше помал од претходната сабота, но масовната мобилизација на полицијата сепак не успеа да ги запре демонстрантите. Вчера на улиците во целата држава имаше околу 125.000 луѓе.

Во текот на ноќта во Париз го погодија силни ветрови и пороен дожд, кои ги отежнуваат напорите за расчистување на остатоците предизвикани од палењето и грабежите.

Бројот на уапсените во вчерашните протести во Франција достигна 1.726 лица, од кои најмалку 1.220 останаа во притвор, соопшти министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер.

Најмногу уапсени има во Париз – 1.150, од кои 619 се задржани во притвор. Кај многумина од нив е пронајдено оружје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...