Согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија. Се надевам дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во Лисабон, за бегството Никола Груевски
– Во Македонија, едно од најсилните реформи е реформата во правосудството, целиот правосуден систем е под строга контрола и мониторинг на Европската комисија и Европската Унија и преку еден транспарентен процес, јасна е казната на Никола Груевски со правосилна пресуда, која што беше дадена од судот. Но, давањето на азил од страна на Унгарија за нас е навистина неприфатливо, затоа што ниту по еден меѓународен закон, меѓународна конвенција, дури и по законодавството на Унгарија, не е дозволен азил за човек, кој што е веќе осуден со правосилна пресуда. За нас е тоа многу горчливо чувство заради тоа што од една земја членка и на ЕУ и на НАТО, ваков сигнал да добиеме како земја кандидат навистина е непријатно. За нас, владеењето на правото, е светост, за нас европските вредности се светост. Ние се надеваме на тие европски вредности и веруваме дека навистина Унгарија ќе ги разгледа своите одлуки, ќе одговори на нашите барања и ќе го врати Никола Груевски на издржување на казната – рече Заев.
Тој додаде дека Европа знае да ни каже, многу јасно и отворено, кога нешто не чини во Македонија.
– Така треба да биде и во сите други европски земји. Европската комисија и многу други европски земји веќе реагираа, јас навистина се надевам пријателска Унгарија дека ќе постапи онака како што меѓународните Конвенции, меѓународното право тоа го предвидува. А, тоа е, да го прифати нашето барање за да го испорачаат или екстрадираат Никола Груевски назад во Македонија – одговори Заев.