Бибер: Договорот ќе помине и во Македонија и во Грција

447

Процесот околу имплементација на Договорот од Преспа, се чини, ќе биде успешен, а позитивни се и сигналите за тоа во Грција. Ако Македонија ги исполни сите барања, ќе изгледа многу лошо за Грција ако таа не ги исполни своите обврски, тогаш целиот притисок ќе биде врз Грција, вели во интервју за МИА Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац Австрија.

– Секогаш е тешко да се предвиди неочекуваното. Но, сите сигнали се многу позитивни. Како прво, актуелната грчка Влада е посветена на Договорот и сака да помине. Се чини дека има поддршка и од одредени опозициски партии во Парламентот. Исто така, искрено верувам дека Нова демократија, која формално е против Договорот, не би била несреќна ако Договорот помине пред да дојдат на власт следната година. Бидејќи ако Македонија ги исполни сите барања, ќе изгледа многу лошо за Грција ако таа не ги исполни своите обврски; тогаш целиот притисок ќе биде врз Грција. Затоа постои добра основа да веруваме дека сите значајни партии ќе ја одиграат својата улога и или ќе го прифатат договорот или барем нема да го бојкотираат до степен да пропадне. Со Грците не се знае, но сигналите од нивна страна се позитивни и оптимист сум дека договорот ќе добие поддршка во парламентите на обете земји во следниве неколку месеци – посочува Бибер кој важи за голем познавач на состојбите на Балканот.

Според него, очекувано е од Русија, која се противи на интеграцијата на Македонија во ЕУ и особено во НАТО, да создава проблеми, а обвинувањата за мешање на САД и ЕУ во процесите во Македонија ги оцени за смешни.

– Таа нема стратешка определба во врска со регионот освен да настојува да го попречи напредокот и да ги блокира интеграциите на регионот во ЕУ и НАТО. Идејата зад обвинувањата на Лавров за вмешување на ЕУ и НАТО е смешна. Македонија се изјасни дека сака да им се приклучи на двете организации, а тоа е однос што бара заемни дискусии и поврзување, што секако е некаква интервенција, но во смисла дека е дел од самиот процес. Така што, да се обвинуваат НАТО и ЕУ за тоа што го прават за своите идни земји членки е чудно. Но, се разбира, Русија ги обвинува останатите за тоа што таа самата им го прави на други земји – вели Бибер.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...