Агенцијата за разузнавање отфрла било каква вмешаност во незаконски активности и потенцира дека ако се продолжи со нарушување на основните човекови и професионални вредности можеме самите ние како граѓани на ова општество да креираме нова безбедносна закана во државата.
– Во последните неколку дена во разни медиуми искажани се многу невистини околу работата на Агенцијата за разузнавање. Најостро ги осудуваме сите овие обиди за вмешување на Агенцијата во кои таа нема активности. Агенцијата постапува според своите законски надлежности – се вели во денешното соопштение од АР.
За сите минати безбедносни настани, посочуваат оттаму, Агенцијата остварува тесна соработка со Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи.
– Поради текот на истрагите сметаме дека вакви слободни и самоволни толкувања на работата на Агенцијата на никого не му одат во прилог. Во исто време сакаме јасно да укажеме на јавноста дека ако се продолжи со нарушување на основните човекови и професионални вредности можеме самите ние како граѓани на ова општество да креираме нова безбедносна закана во државата, се посочува во соопштението.
Агенцијата, се додава во него, ја поддржува кампањата за борбата против лажните вести, но воедно и апелираме дека борбата против лажните вести и манипулации почнува од сите нас.