Само нарачателот на „27 април“ остана неспомнат

3642
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Александар Василевски Нинџа, браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски и Влатко Трајковки, сите обвинети за настаните од 27 април 2017, ги кажаа своите вистини. Што му претходело на „крвавиот четврток“, какви сѐ сценарија биле планирани и кои од нив се реализираа, а кои не, кој дејствувал, а кој командувал, се само дел од прашањата кои добија (не)целосни одговори во верзиите кои овие обвинети ги раскажаа пред судечкиот совет и пред јавноста.

Обвинетите вперија прст во звучни имиња од поранешната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, од редовите на моќниците во Тајната полиција, па сѐ до лица од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов.

Дел од прозваните демантираа, дел премолчеа, а обвинителството официјално сомничи само еден од оние кои до пред пет дена не беа директно поврзувани со настаните од 27 април.

Обвинетите во своите искази редеа имиња и презимиња поврзувајќи ги со „крвавиот четврток“, но ниту еден од нив не зборуваше за тоа кој стои на врвот на пирамидата, кој е нарачателот.

– Мислам дека тоа е смислено поради случаите на СЈО, бидејќи тогаш беа во тек па да се отфрли вниманието на јавноста. Да се искористи еден настан и да се промени мислењето на народот. Тие што ги посочив кои беа во Белиот штаб, тие треба да кажат. Јас само делував – рече Нинџа кога судијката Добрила Кацарска го праша кој го организирал „27 април“.

Браќата Младеновски и Симовски, пак, не кажаа ништо за организаторите, го наведуваа Нинџа како човекот кој дента давал пари да се купат фантомки и ги имал контактите со лицата од УБК, споменувајќи и дел од нив. Влатко Трајковски, не го спомена Нинџа, но кажа оти ден претходно му кажале за планот да се влегува во Собрание. 

Кои сѐ лица ги споменаа обвинетите, а не се дел од судскиот процес?

Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) беше првата кон која се „пукаше“ со серијата шокантни сведоштва кои се слушнаа во текот на оваа недела во судницата во Кривичниот суд во Скопје.

Дека постои вмешаност на припадници на Тајната полиција, во текот на целиот судски процес навестуваше обвинетиот Александар Василевски Нинџа кој по повеќето сведоци ги прашуваше дали на 27 април 2017 во Собранието виделе дека меѓу лицата со фантомки на главите носеле и значки. Меѓутоа, првото конкретно име беше споменато во понеделникот кога почнаа серијата шокантни сведочења на обвинетите. Браќата Стефан и Михаил Младеновски прво го посочија ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски кого го наведуваа како близок човек на Нинџа. Слична верзија раскажа и обвинетиот Захарие Симовски.

Кога Атанасовски застанал на чело на УБК, тие посочуваа дека Нинџа добил одврзани раце, односно моќ од аспект на користење на ресурсите на службата и логистика од одредени функционери во службата. Од оваа служба, браќата го споменаа и Никола Бошкоски со прекар Прскач, тогашен помошник началник во Петатта управа, а сега бегалец со азил во Грција кој е обвинет од СЈО. По него го споменаа и како лице кое на 27 април, меѓу другото, со службено возило, сив „голф 5“, се паркирал кај Градска болница, а во возилото имало пиштоли, автоматско и полуавтоматско оружје. Михаил Младеновски во својот исказ зборуваше за уште едно лице од УБК. Зборувајќи за состаноците кои ги имал Нинџа во кафулето „Аристократ“, покрај Атанасовски и Бошкоски посочи дека на средбите присуствувала и извесна Мери вработена во кабинетот на директорот на УБК.

Во вистината која ја раскажа Нинџа, пак, и тој самиот на некој начин бил дел од УБК. Кажа дека бил ангажиран во службата во 2015 година и тука спомена уште едно лице познато за македонската јавност Горан Грујевски, кој сега се наоѓа во азил во Грција откако избега заедно со Бошкоски. Грујевски тогаш беше началник на Петтата управа, а на Нинџа му давал задачи да следи таргети и да го изветува.

Исказите на обвинетите, вниманието го свртеа и кон Ѓорѓе Иванов од чиј кабинет со име се посочија двајца блиски соработници на претседателот, советникот за државна безбедност Синиша Алексовски и шефот на кабинетот на претседателот, Борис Јосифовски.

Според исказите Алексовски за време на 27 април бил во контакт со структурите од УБК и тој дента ја дал информација дека Иванов ќе прогласи воена состојба. Исто така, од кабинетот на претседателот стасувале и информации дека воената полиција е спремна, поставена на патарините кај Тетово и Гостивар.

Јосифовски, пак, единствено беше споменат од Нинџа кој кажа дека директорот на УБК телефонски на 27 април го известил по Никола Бошкоски дека Борис Јосифовски е во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и оти во секој момент може да се прогласи воена состојба.

Нинџа е и првиот кој вчера во неговата вистина за која рече, ја чувал длабоко во него, пред судот наведе конкретни лица од поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. На 8. кат во Белата палата, рече тој, бил паравоениот штав од каде се координирал „27 април“. Таму, вечерта за време на упатот, Нинџа кажа дека ги видел Билјана Бришковска Бошковска, Спире Ристовски, Митко Чавков, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски.

– Билјана Бришкоска Бошковска комуницираше со Трајко Вељаноски кој даваше насоки за состојбата внатре. Миле Јанакиески и Спире Ристовски комуницираа со Бетмен. Кирил Божиновски ги викаше сите општински комитети од цела Македонија да дојдат во Скопје по директива од партијата. Чавков имаше комуникација со Ивица Вучевски и Митко Пешов. За некое време дојде и директорот на УБК Владимир Атанасовски. Тука, сакам да нагласам дека се координираше сето тоа што се случи на 27 април. Како што доаѓаше масата кон Собрание така наредбите беа подиректни. Бришкоска Бошковска кажуваше дека првото сценарио не успеало. Дека пратениците не ја завршиле својата работа, не предизвикале тепачки во Парламентот. По што дојде насока од неа, му се јави на Вељаноски и му кажа да се отворат вратите во Собранието. Бев во штабот до 19.15 часот – раскажа Нинџа.

Тој кажа тој период контактирал и со Сашо Мијалков, но не зборуваше многу за него туку само посочи дека кога отишол во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Мијалков не бил таму.

Од сите новоспоменати, во овој судски случај обвинети се само Митко Чавков и Митко Пешов, но тие се откажаа од давање своја одбрата.

Обвинителството, пак, досега дополнитено отвори истрага само за еден од останатите прозвани, за поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски за делото Здружување заради непријателска дејност.

Оттаму, веќе неколку месеци се води и предистражна постапка за организаторите односно нарачателите.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...