Се снимал ли тајно и нечиј друг дом освен на Муслиу?

4093

Сведочењето на обвинетиот за „27 април“, Александар Василевски Нинџа дека на некои таргети на УБК во домовите им биле поставени камери, како што е аналитичарот Алберт Муслиу, го отвора прашањето дали и во нечиј друг дом се снимало тајно.

Пред во два наврати да го спомене Муслиу, со име и презиме, Нинџа претходно рече дека таргет бил и „тогашен новинар“. Обвинетиот во овој дел не спомена друго име, но „тогашен новинар“ кој важеше за жесток критичар на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и еден од поистакнатите учесници во Шарената револуција, а подоцна стана и функционер во СДСМ, е Мухамед Зеќири.

Муслиу за Плусинфо изјави дека е шокиран од информацијата и дека веќе побарал МВР да провери дали во двата дома во Скопје и во Гостивар, но и во неговата канцеларија, УБК поставила камери. И додека Муслиу е шокиран, Зеќири ни изјави дека не е изненаден доколку и кај него дома има камери, бидејќи знае дека бил таргет на Тајната полиција.

– Контактирав со МВР да проверат дали е точна информацијата на Нинџа и доколку е така да ги извадат камерите од домот во Скопје и во Гостивар и од канцеларијата. Потоа ќе преземам сѐ што е потребно да ги остварам своите права. Ако се потврди дека дома кај мене имало камери тогаш не само што се нарушени моите туку и правата на моето семејство, блиските и пријателите и ќе инсистирам правдата да биде истерана до крај, а сторителите да понесат одговорност – вели Муслиу.

Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Зеќири вели дека не е изненаден ако се потврди дека и кај него дома има камери.

– Знам дека сум еден од таргетираните и можно е и кај мене да има камери – вели Зеќири.

Тој потсетува дека набрзо откако станал пратеник во 2016 година, во кафулето „Дион“ имал инцидент со десетина лица меѓу кои Нинџа и Никола Митревски Кољо, кој исто е еден од обвинетите за „27 април“ и важи за еден од најблиските луѓе на Нинџа. Зеќири тогаш со свое друштво бил во кафулето во кое седел поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Веднаш по влегувањето во „Дион“ му пристапиле од обезбедувањето на Мијалков и побарале да го напушти кафулето оти бил непожелен. Кога Зеќири одбил, бидејќи имале резервирано маса, групата физички ги избуткала кон излезот на кафулето. За овој настан Зеќири вели дека иако пријавил во МВР, обвинителството не покренало обвинение.

Инаку, Нинџа во вчерашното сведочење пред судот и јавноста изнесе детали за тоа што се случувало на критичниот ден, но и за низа „валкани“ работи кои, според неговиот исказ, ги правеле партиските структури во Тајната полиција. Нинџа кажа дека кога Зоран Заев почнал да ги објавува „бомбите“, во 2015 година бил ангажиран од тогашниот началник на Петатта управа во УБК, Горан Грујевски.

Тогашниот началник, а сега бегалец, му давал задачи да собира информации од таргети кои тој ќе му ги даде и да го известува лично него. Меѓу таргетите кои ги следеле, Нинџа ги наведе Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски. Покрај следење каде се движат, обвинетиот спомена и дека кај некои таргети се поставувале камери. Во овој контекст го спомена Алберт Муслиу, посочувајќи дека кога тој не бил дома, тајни агенти му влегле во домот и поставиле камери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...