Наследникот на Меркел ќе се бира денеска

180
ФОТО: EPA / ALEXANDER BECHER

Во Хамбург денеска почнува дводневната Конференција на германската владејачка Христијанско демократска унија (ЦДУ) на која треба да биде избран наследник на канцеларката Ангела Меркел на местото лидер на партијата.

Вкупно 1.001 делегат на Конференцијата ќе го избираат новиот претседател на ЦДУ меѓу 12 кандидати, но главната борба се очекува да се води меѓу тројца од нив – актуелната генерална секретарка на партијата Анегрет Крамп Каренбауер, поранешниот координатор на пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот, Фридирх Мерц и министерот за здравство Јенс Спан.

Крамп Каренбауер, кој во германската јавност е позната под прекарот АКК, е близок соработник на Меркел и поранешен премиер на сојузната покраина Сарланд.

Таа важи за кандидат чии ставови се најблиски до центристичката политика на Меркел, но во повеќе наврати знаеше да се користи и со поконзервативна реторика и беше особено гласна во противењето на истополовите бракови.

Иако многумина ја сметаат за пулен на Меркел, 56-годишната Крамп Каренбауер во текот на кампањата за партиски лидер се обидуваше да се дистанцира од актулената канцеларка и да ги нагласи разликите меѓу нив, без притоа да ја оспорува нејзината позиција.

За разлика од Крамп Каренбауер, која е дел од најблискиот круг соработници на Меркел, вториот водечки кандидат за лидерката позиција, 63-годишниот Фридирх Мерц, е повратник во германската политика, по повеќе од една деценија минати надвор од политичкиот живот.

Мерц, кој беше координатор на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот од 2000 до 2002 година, од оваа позиција беше сменет токму од Меркел, поради што се смета дека кај него постои нетрпеливост кон актуелната канцеларка.

Многумина сметаат дека ако Крамп Каренбауер стане лидер на ЦДУ, таа најверојатно ќе дозволи Меркел да го „отслужи“ целиот сегашен канцеларски мандат до 2021 година, но доколку Мерц го преземе раководењето со партијата, не е исклучено тој да предизвика предвремени сојузни парламентарани избори уште идната година, на кои би бил кандидат за канцелар и со тоа „предвреме“ би ја пензионирал актуелната канцеларка.

Мерц, кој последните години работеше како адвокат и претседател на Надзорниот одбор на германскиот огранок на американскиот инвестициски фонд „Блекрок“, важи за човек со нагласено козервативни ставови и со деловен пристап во работењето.

Иако нема големо искуство во „високата политика“, тој има добри врски во бизнис круговите во Германија, но и во самиот врв на ЦДУ, па не изненадува што неговата кандидатура ја поддржаа неколкумина истакнати партиски членови.

Во текот на кампањата пред Конференцијата, Мерц често ја критикуваше политиката на „отворени врати“ за мигрантите на Меркел и „нерегулираниот прифат“ на азиланти, обвинувајќи го актуелното раководство на ЦДУ дека со ваквите ставови придонело за одлевање на дел од традиционалното гласачко тело на демохристијаните кон десничарската антимигрантска партија Алтернатива за Германија (АФД).

Најмладиот од тројцата главни кандидати за нов лидер на ЦДУ, 38-годишниот министер за здравство Спан, е еден од поистакнатите критичари на Меркел.

Тој ја има поддршката на десното крило на ЦДУ, но со вклучувањето на Мерц во изборната трка дел од десничарските демохристијани се наклонија кон него, со што, Спан, според многумина аналитичари, стана аутсајдер во трката за партиски лидер.

Спан главен акцент во својата кампања стави на прашањата на миграцијата и на безбедноста.

Иако, Спан речиси и да нема шанси да биде избран за лидер на ЦДУ, сепак според аналитичарите, тој би можел да ја искористи сегашната состојба и да продолжи да ја зајакнува својата позиција, подготвувајќи се за нова битка при следната смена на лидерската позиција во партијата.

Кој и да биде избран за нов лидер на ЦДУ несомнено е дека ќе претстои свртување на партијата в десно, иако таквиот пристап не и ги донесе саканите резултати на нејзината сестринска баварска Христијанско социјална унија (ЦСУ) на последните регионални избори во Баварија.

– Сите главни кандидати (за нов лидер) се поконзервативни и поголеми традиционалисти од Меркел, изјави за ДПА политикологот од Берлинскиот слободен универзитет, Торстен Фас.

Во својот осврт на Конференцијата на ЦДУ, Би-Би-Си наведува дека таа претсавува „крај на една ера“, нагласувајќи дека како се наближува крајот на годината, така се наближува и крајот на ерата на Меркел.

Меркел, која е лидер на ЦДУ од 2000 и германски канцелар од 2005 година, за време на своето „владеење“ ја помести партијата кон политичкиот центар, укинувајќи ја задолжителната воена регрутација, забрзувајќи го процесот на откажување на Германија од нуклеарната енергија, поддржуваќи ги самохраните татковци и овозможувајќи воведување на истополови бракови.

Она на што многумина и забележуваат, пред се од редовите на десното крило на партијата, е нејзината политика кон миграцијата во 2015 година, кога дозволи во земјата да влезат речиси милион мигранти и бегалци, што резултираше со зајакнување на позициите на екстремната десници во Германија.

ЦДУ, која е формирана во 1945 година, важи за една од најуспешните партии во Европа, која доминира на полиитчката сцена во Германија по Втората светска војна – во изминативе речиси седум дедцнии, таа беше на власт 49 години.

ФОТО: EPA / ALEXANDER BECHER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...