Некогашната агентка на Меган Маркл, Џина Нелторп Каун тврди дека војвотката од Сасекс планира да и се врати на глумата кога ќе дојде тој момент, откако ќе роди деца, пишува британскиот весник „Дејли Мејл“.
Каун неколку години беше филмски агент на Маркл, се додека таа не се запозна со принцот Хари. Покрај деловната соработка, тие се и пријателки.
Џина вели дека кариерата на Меган се уште не е завршена, иако таа престана да снима серии и филмови. Нелторп Каун ја спореди војвотката со Грејс Кели, која поради бракот со принцот Рение Трети од Монако се откажа од филмската кариера.
Агентката тврди дека Меган доколку одлучи да и се врати на филмската кариера, кралското семејство нема да може да ја спречи во тоа.
– Сигурна сум дека ќе сними уште еден филм. Ако Меган посака да смини, ќе го сними. Таа е одлучна жена која знае што сака. Таа е современа жена, има слободна волја и е лидер – изјави Нелторп Каун за „Дејли Мејл“.
Меган Маркл популарноста ја стекна со улогата во серијата „Сјутс“ („Suits“), но Џина вели дека доколку реши да се врати ќе снима сериозни филмови.
– Нема да биде несериозна девојка како порано. Всушност, таа е прекрасна актерка и дефинитивно ќе работи нешто посериозно – рече Каун.
Според неа, враќањето нема да се случи се додека Меган не роди деца.
– Знам колку сака да има неколку деца. Ќе биде прекрасна мајка. Таа е многу грижлива и верувам дека Хари падна на таа нејзина особина – истакна Нелторп Каун.
ФОТО: EPA / ANDY RAIN