И Вељановски и Села ќе добијат покана да сведочат за 27 април 

958

Со денешното сведочење на Александар Василевски Нинџа и сослушување на неговите сведоци одбраната во случајот за 27 април заврши со изведување на првичните докази.

Од наредната недела ќе се изведуваат дополнителни докази на одбраната за кои судскиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска денеска реши да ги прифати. Меѓу тие докази има и предложени сведоци.

За в понеделник, според планот, треба да се сослушаат двајца сведоци на Митко Чавков, тројца на Душко Лазаров и двајца на шефот на обезбедувањето на Трајко Вељановски, Горан Ѓошевски Леви.

Меѓу двајцата сведоци кои ги предлага Леви е и Трајко Вељановски. Неговото присуство во понеделник треба да го обезбеди одбраната на обвинетиот.

Инаку, Трајко Вељановски денеска беше споменат во исказот на Александар Василевски Нинџа кој кажа дека додека на 27 април бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ таму била и поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришкоска Бошковска која телефонски комуницирала со Вељановски и која му дала наредба на него пратениците да ги отворат вратите во Собранието откако не успеало првичното сценарио односно откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не предизвикале тепачки во Парламентот.

Дали Вељановски ќе се појави во судот на сведочи по покана на Леви, останува да се види во понеделник.

Покрај Вељановски, на некои од наредните рочишта во судница би требало да сведочи и лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села. Тој се најде на дополнителната листа докази предложени од обвинетиот Абдулфета Алими, вработен во собраниското обезбедување.

Села на 27 април беше крвнички претепан, за неговите напаѓачи се водеше судски процес за обид за убиство и тие добија затворски казни од 10 до 13,5 години затвор. Во тој процес сведочеше токму Абдулфета Алими кој важи како еден од луѓето кои го спасиле Села.

Во обвинението за 27 април, пак, Алими се товари затоа што тој дента бил задолжен за главните врати во Собранието, а ги чувал и клучевите.

Инаку, на денешното рочиште за овој судски случај, можеше да се слушне уште една страна на вистината – онаа на Александар Василевски Нинџа, кој пред судот директно со име и презиме посочи лица вклучени во координацијата на настаните од критичниот ден наведувајќи дека „На 8. кат во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ се координираше 27 април“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...