Штипската болница се поднови со апарати, а по половина век, и со машини за перење алишта

229

Министерот за здравство, Доц. д-р Венко Филипче, денеска заедно со Ален Георгијев, директор на Клиничката болница во Штип, го промовираа новиот видео-ендоскоп за гастроскопија и колоноскопија,  вреден 100 илјади евра. Овој современ апарат го набави Министерството за здравство, а е наменет за пациентите од Штип и околните места. Покрај едноскопот, оваа болница има 10 нови кревети со пациентмонитори и инфузомати и перфузори во коронарната единица, но и нова центрифуга машина во Клиничката лабораторија. Набавен е нов екстензионен стол за ортопедски и трауматолошки операции.

Директорот Георгијев, го информираше министерот Филипче и за другите новости во оваа Клиничка болница и додаде дека за првпат после 50 години, болницата доби нови машини за перење и сушење на алишта.

– Многу сум задоволен од тоа како се развива оваа Клиничка болница. Приоритет на Министерството е обнова и реконструкција на посточките капацитети, но и набавка на нови апарати, што тука во Штип очигледно добро се спроведува. Со големо задоволство им честитам на 50-те нововработени лекари и здравствени работници во оваа болница – изјави министерот Филипче.

Тој рече дека средината на 2020 година е новиот термин кога ќе биде изграден новиот објект на Клиничката болница во Штип.

Ова е ново пролонгирање на рокот за изградбата и тоа дополнително за една година. Откако денеска ќе ја скинираат состојбата на терен ќе се прави нов динамички план, а ќе треба и да се утврди и кога ќе се набавува новата опрема за овој објект.

– Ние сме во секојдневен контакт со луѓето со кои имаме потпишано договор од страна на Министерството за здравство, а тоа е фирмата Интеркарт од Грција, со која имаме потпишано договор и која има одредени проблеми во соработката со штипски Бетон. Но, според последните информации тие нашле соодветно решение и токму затоа сега сакаме да се увериме на терен сега како стојат работите, кои работници се тука за да некаде во следната недела сите прашања во однос на новиот динамичен план, ние ги финализираме, вели Филипче.

Во врска со тоа дали по отворањето на истрагата за сопствениците на дијализните центри во земјава ќе има проблеми со нивното функционирање, Филипче истакна дека направена е проверка во сите дијализни центри и тие нормално функционираат.

-Нема никаков проблем во однос на исплатата на платите на вработените, ниту во техничката изведба во делот на дијализата со пациентите, а за се друго не би сакал да коментирам со оглед на тоа што очигледно се води истрага од страна на обвинителството, вели Филипче.

Засега немаат никакви информации дека би имало проблеми со работењето на дијализните центри во земјава, но доколку од терен добијат информации оти би можеле да имаат, министерот за здравство смета дека без проблеми државата ќе може да направи план, но и непречено да функционираат центрите за бубрежно болните пациенти.

Оваа Клиничка болница е голем регионален медицински центар и ги опслужува пациентите од речиси целиот регион од Источна Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...