Контролата на тоа дали приватните компании редовно си ги плаќаат долговите една на друга од Управата за јавни приходи да премине на Државниот пазарен инспекторат, предлага Министерстовото за финансии со најавените измени и дополнувања на Законот за финансиска дисциплина.
Од Министерството за финансии појаснуваат дека со предложените измени се врши и натамошно усогласување со Директивата за борба против задоцнето плаќање во комерцијални трансакции 2011/7/ЕУ.
– Усогласувањето е во делот на презицирање дека условите од договорот не се значително неправедни и нефер кон доверителот, како и во делот на надоместокот за доцнење при исполнување на парични обврски.
Обврската за надзор над реализирањето на одредбите од Законот на УЈП ѝ се одзема со образложение дека таа е надлежна за утврдување, контрола и наплата на даноци или јавни давачки, а постапката за надзор над Законот за финансиска дисциплина не претставува даночна контрола и со неа не се утврдува данок или јавна давачка.
Конечната верзија на предлогот за измени на Законот со сите детали треба да се изготви до крајот на месецов, а во меѓувреме, предвидена е и консултација со бизнис секторот.