Премиерот Зоран Заев на денешната дебата за нацрт аманданите на Уставот потсети дека и пратеници од опозицијата имале свои предлози за подобрување на текстот, но дека мислењата на експертите се поделени за некои од нив, посебно оние што се однесуваат на Преамбулата на Уставот.
Заев потсети дека, некои сметаат дека во Преамбулата во контекст на уставно правниот континуитет, треба да се вметне и првиот Устав на независна и суверена Македонија, потоа Кресненското востание од 1878 година. Други, пак, велат со тоа што се споменува референдумот од 8 септеври 1991 година, односно слободно изразената волја на граѓаните за независност на државата, нема потреба да се споменува и Уставот од 91 година.
Оттаму, додаде Заев, намерата е преку овие јавни дебати да се слушнат што повеќе ставови во контекст на подобрување на текстот на нацрт амандманите, а некои од нив произлегоа и на собраниската дебата.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ неодамна предложи три историски документи да се вметнат во преамбулата на Уставот. Тој побара да се додадат Правилата на македонскиот востанички комитет на Македонското кресненско востание од 1878, Уставот на ТМОРО од 1896 и Уставот од 1991 година.
Испирација за овој предлог, според пратеникот Димовски, било вметнувањето на Охридкиот рамковен договор во нацрт-амандманите.