Повреден ученик во протестите на средношколците во Франција

78
ФОТО: EPA / GUILLAUME HORCAJUELO

Неколку илјади средношколци протестираа денеска во Франција против образовните реформи во сферата на матурските испити и начинот на запишувањето на факултетите.

Како што јави дописникот на МИА, при протестите во градот Безие повреден е еден ученик.

Протестите во Марсеј започнаа пред факултетот Сен Шарл, од каде средношколците се упатија кон старото пристаниште, по што се вратија на појдовното место. При протестот средношколците беа придружувани од нивните професори.

Маршот на средношколците мина со засилено полициско присуство, при што демонстраните беа следени и од хеликоптер од воздухот.

Меѓу паролите кои можеа да се видат на собирот беа и: „Тие може да ги соберат сите цвеќиња, но нема да ја запрат пролетта“ и „Не за зголемувањето на трошоците за запишување на факултет“.

Неколку средни училишта во реонот на Марсеј беа затворени превентивно со образложение за можен „преголем ризик и жртви“ и „присуство на надворешни елементи меѓу учениците“.

Протести и блокирани средни училишта имаше и во други делови на Франција, посебно во Париз и парискиот регион, каде за утре е закажан протестен марш, само еден ден пред најавените нови собири на „жолтите елеци“.

Полицијата веќе најави зголемени безбедносни мерки и промена на стратегијата на дествување во случај на насилни протести.

ФОТО: EPA / GUILLAUME HORCAJUELO

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...