Приведен поранешниот директор на СОЗР Васе Доневски

1612

Од Управата за финансиска полиција за МИА потврдија дека е приведен Васе Доневски поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ (СОЗР).

Сомнежите за Доневски се за злоупотреба на службената положба и овластување, а како што велат од Управата, со предистражната постапка се опфатени повеќе лица и се уште траат активностите на терен.

Од Управата за финансиска полиција најавија дека утре на прес-конференција директорот Арафат Муареми ќе презентира детали за целиот случај.

Доневски беше разрешен од новата Влада во јули годинава и на негово место беше назначен Пеце Мирчески од СДСМ.

Мирчевски во неодамнешното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат-М телевизија зборувајќи за одговорноста за пропустите на објектите во кои инвеститор била СОЗР, откри дека се водат истраги за претходното работење на службата.

– Во изминатите неколку месеци откако сум директор на службата соработуваме секојдневно со Министерството за внатрешни работи, посебно со Одделот за организиран криминал, со Основното јавно обвинителство, со Специјалното јавно обвинителство, со Финансовата полиција. Не би сакал ништо да кажувам, бидејќи сепак има неколку постапки кои ги тераат овие органи, за да не го нарушам процесот на предистражна или истражна постапка, меѓутоа има интерес за дел од работите што се случувале претходно од овие органи. Тие прибираа документација и се надевам кога ќе ги приберат доказите ќе излеземе заеднички со информации што и како се случувало во претходниот период – рече Мирчевски без да прецизира дали се работи за истраги за објектите кои се соочуваат со проблеми, како што беше Државниот архив кој протекуваше.

Засега нема официјална информација од МВР и од Јавното обвинителство за што точно се работи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...