АРМ отфрла каква било инволвираност во 27 април

300

Генералниот штаб на АРМ најенергично ги демантира зачестените објави во одредени електронски медиуми, како и разни произволни толкувања од лица кои гостуваат во дебатни емисии на националните телевизии, во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма, на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година.

„Ве информираме, дека како и секогаш досега, Генералштабот на АРМ во потполност транспарентно ги пренесува сите свои активности и ангажмани и е на располагање во целост да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции за било какви информации за наводните тврдења со што конечно ќе се стави крај на понатамошни шпекулативни толкувања.

Во досегашното постоење на АРМ, во потполност се применуваат воспоставените принципи и постапки во хиерархијата и субординација во командувањето, при што се постапува согласно дадените законски надлежности и строго утврдени правила кои ја уредуваат оваа област.

Преку пласирање на вакви неточни информации се влијае на нарушувањето на угледот на АРМ и на чувствата на припадниците на АРМ, кои со својот ангажман постојано ги потврдуваат своите определби и грижа за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, а со тоа да се влијае и на севкупната подготвеност на Армијата на Република Македонија.

Уште еднаш ги информираме сите медиуми пред објавување или преземање на вакви „ексклузивни“ вести во кои се споменува АРМ, дека веродостојни информации може да добиете од канцеларијата за односи со јавноста во ГШ на АРМ, која најтранспарентно ќе Ви ги достави сите информации за кои сте заинтересирани“, се наведува во реакцијата од ГШ на АРМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...