Обвинетиот Александар Василевски Нинџа пред да ја разоткрие неговата вистина за 27 април, зборуваше и за тоа што му претходело на „крвавиот четврток“.
Откако раскажа дека во 2015 година, тогашниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, го ангажирал за потребите на службата, тој зборуваше и за протестите пред ДИК кој почнаа по парламентарните избори во декември 2016, односно кога членовите на ДИК требаше да разгледуваат приговори од политичките партии и да ги соопштат конечните резултати.
Протестите, рече Нинџа, се организирале од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се изврши притисок да не се прифатат приговорите на СДСМ. Како организатори на протестите тој ги посочи тогашните генерален секретар и организационен секретар, Кирил Божиновски и Спиро Ристовски.
– Имаше насока да се влезе во зградата да се врши насилство и да се прекине одлучувањето – рече Нинџа додавајќи дека тоа сепак не се случило.
Откако ДИК потврдила дека ВМРО-ДПМНЕ има 51, а СДСМ 49 пратеници, но сепак ВМРО-ДПМНЕ не успеала да формира влада, обвинетиот посочи дека од кулоарите на паријата, произлегол проектот „За Заедничка Македонија“.
– На тие протести беа поставени фиктивни водачи кои беа контролирани од ВМРО-ДПМНЕ. Водачи беа Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски Бетмен – посочи Нинџа.
Протестите, сепак, посочи обвинетиот, преку овие водачи биле координирани од Спире Ристевски и Кирил Божиновски.
Водачите пак, како што рече Нинџа, ги имал видено како излегуваат од канцеларијата на Божиновски во периодот од 60 дена кога траеја протестите, а имал информација и дека биле плаќани.
– Според оперативни сознанија на една седница Кирил Божиновски имал задолжение да врши исплата на лицата кои ги кажав. Таа информација ми е од Никола Бошкоски (тогашен помошник началник на Петта управа, сега обвинет во „Таргет-Тврдина“ кој заедно со Горан Грујевски избега и доби азил во Грција), проследена од директорот на УБК Владимир Атанасовски, а дадена од Кирил Божиновски – рече Нинџа.
На протестите, раскажа тој, доаѓале и патриотски здруженија. Во една прилика слушнале дека се формира македонски национален фронт, по што тој стапил во контакт со обвинетите Јане Ченто и со Игор Југ.
– Директорот на УБК Владимир Атанасовски ми кажа да остварам контакт со Јане Ченто при што ми кажа дека тоа лице моментално е кај него во кабинет, ќе му даде мој број да го побара. Се видовме во кафиќ во Центар. Иста таква средба беше остварена и со Игор Југ во Куманово во „Баба Цана“. Со нас беше и прикриен агент од УБК. Средбата беше за да осетам во тој период дали неговото мислење е проруско или антизападно. Додека седевме ненадејно на таа средба дојде и Јане Ченто. По што воспоставивме неврзан разговор за одредено цели на службата. На истата средба се сликавме за да биде документирана – раскажа Нинџа.
Кога станува збор за тоа што се случувало на критичниот ден – 27 април, Нинџа во неговиот исказ пред судот директно со име и презиме посочи лица вклучени во координацијата на настаните од критичниот ден наведувајќи дека „На 8. кат во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ се координираше 27 април“.