Верските заедници повикани да делуваат против загадувањето

67

Црквата и другите верски заедници се повикани да делуваат во насока на запазување на животната средина поеднакво со сите општествени чинители, истакна деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Ѓоко Ѓорѓевски, во обраќањето на Вториот Светиклиментов научен собир на тема „Вера и општество“, што се одржува денеска на Факултетот.

Тој вели дека црковниот став по ова прашање се заснова на Светото писмо.

– А во Библијата за односот на човекот кон природата се говори многу. Не може да се почитува Бог, а да се уништува Божјото создание. Користољубието, заради задоволување на материјалните потреби доведува до духовно осиромашување на човекот и уништување на животната средина. Не треба да се заборави дека ова природно богатство на Земјата не е власништво на човекот, туку на Творецот. Должни сме да потсетиме дека немаат само денешните генерации право на природните добра кои нам ни ги подарил Творецот, туку и идните – додаде Ѓорѓевски.

Проф. д-р Ратомир Гроздановски во обраќањето на тема „Богатите и сиромасите – библиски поглед“ рече дека социјалната положба на луѓето не е доказ за тоа каква му е душата на човекот.

–  Доброто и злото се често внатрешни духовни состојби кои создаваат рај и пекол за човекот. Сета сопственост е Божја, ние само се мамиме. Нам ни е дадено само навремено управување со нешто од материјалното богатство. Бог мери според тоа колку му останало на оној кој дал – додаде проф. д-р Гроздановски.

Вториот Светиклиментов научен собир се одржа по повод 1000-годишнината од Охридската Архиепископија и 60-годишнината од Македонската православна црква.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...