Премиерот Зоран Заев денеска ја отвори првата јавна дебата за нацрт амандманите на Уставот, посочувајќи притоа можни прифатливи предлози кои би можеле да станат дел од нив, а се изнесени на дебатата во собраниската Комисија и на пленарната седница.
Дел од овие предлози се за примената дома на Договорот, во Преамбулата, таму каде што се зборува за референдумот од 1991 година да биде вметнато и Уставот на РМ, за граѓаните кои живеат во нејзините граници да стои “и граѓаните кои се дел од албанскиот народ…”, а исто така, рече премиерот, важно е во делот на државјанството да се прецизира што е државјанство, а што етничка припадност…
– Морам да признаам дека се консултираме со Грција и тие со нас – рече Заев и додаде дека за некои од овие предлози има позитивни мислења кај членовите на Владата.
Потсети дека во нацрт амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници и посочи на одлуката уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.
Според Заев, сѐ повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, но треба да им се објасни што по промената на името.
Професорот Фрчкоски смета дека амандманите не ја загрозуваат граѓанската основа на државата, дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања и дека притоа некои делови се зајакнуваат дури и кога се споменува други етнички заедници, како и дека решенијата се во рамки на уставно-правните стандарди.
Професорот Владо Поповски изнесе свои предлози за зајакнување на нацрт амандманите посочувајќи дека во Преамбулата на Уставот јасно да се прецизира македонски народ…
На дебатата учествуваат пратеници, претставници на научната јавност, граѓански организации, новинари…
Ова е првата од петте јавни дебати за уставните измени.