На негова иницијатива, почитувани читатели и сите вие кои ја поддржавте иницијативата на „Слободен печат“ просторот спроти „Холидеј Ин“ да стане една нова зелена оаза, во еден од најзагадените градови во светот, се сретнав со инвеститорот кој треба да гради на оваа парцела, бизнисменот Зоран Антиќ. Човекот ме покани да ми ги презентира своите идеи и да ме увери дека неговата намера е на овој простор да никне нов центар на Скопје, најубав и најзелен на Балканот.
Деталите за неговите планови ќе ги прочитате во весникот. Во суштина, овој човек, познат по тоа што го изгради и „Сити мол“, планира да подигне галерија пониска од сегашниот ГТЦ, чиј цел покрив ќе биде градина, огромен подземен паркинг на два ката, модерен и урбанизиран кеј, мала „турска“ чаршија, фонтана по примерот на Порта Нова во Милано, една кула од 30 ката која ќе го носи името на Кензо Танге и неколку помали згради на рабовите на парцелата, сите опкружени со зеленило.
Инвеститорот знае за плановите на градоначалникот Петре Шилегов покривот на ГТЦ да стане една голема зелена површина. Неговата идеја е и галеријата што планира да ја изгради да биде убава и уредена градина, со површина од околу 10.000 метри квадратни. Ако двата објекта се спојат со мост, како што е предвидено, ќе добиеме своевидна „екстензија“ на ГТЦ (објектот што го браневме со гушкање и го одбранивме), парк на покрив на повеќе од 20.000 квадрати и кеј од уште 20.000 квадрати, со кој граѓаните буквално ќе „излезат“ на Вардар.
Знам дека ве интересира моето мислење за плановите на Антиќ, бидејќи јас, на крајот на краиштата, бев тој што ја крена оваа врева. А со денешниот напис, јавната дебата практично е отворена.
Како прв впечаток, јас можам да кажам две работи. Прво, плановите на Антиќ ми се чинат креативни и интересни и ќе им посветам сериозно внимание. Ако се остварат ветувањата за планираните квадрати зеленило (тоа зависи од него, но и од градските власти), мислам дека ќе ја добиеме зелената оаза што ја баравме и што ја заслужуваме. И второ, инвеститорот ми остави впечаток на човек занесен во своите идеи и како некој кому бетонот, тулите и парите веќе не му се најважната работа во животот, веројатно затоа што ги има доволно.
Но, јас не барам да кренеме раце и да речеме – ете, тоа е тоа. Не, предлагам нешто сосема друго. Предлагам да бидеме креативни и активни. Какви што не бевме кога „Скопје 2014“ ни никна пред нашите мрзливи носови.
Идејниот проект се создава во моментов. Ете шанса стручната јавност, архитектите и градежниците, граѓанските активисти и буквално сите поединци што сакаат да придонесат да добиеме нов центар на градот, да се огласат со идеи, предлози и мислења. Имам впечаток дека Антиќ нема да има ништо против таква продуктивна дебата.
Предуслов за тоа е да се обидеме овој пат да бидеме позитивни. Така тргна иницијативата на „Слободен печат“ – не со плачки и кукања, туку со една конкретна идеја. Не се настрвивме на инвеститорот, не викавме „мајка-шајка“, туку нацртавме една слика и рековме, еве вака може да изгледа овој простор!
Антиќ вели дека бил во петнаесеттина градови во Европа во овие години, во потрага по идеи за неговиот проект. Многумина од нас биле ваму или таму и сме виделе разни чуда. Дајте да ги размениме нашите впечатоци и идеи. За нашиот град се работи. И уште повеќе – за нашето здравје!