Мекалистер и Флекенштајн: Законот за амнестија да не ги помине црвените линии за владеењето на правото

192

Претседателот на Собранието Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, денеска оствари средба со претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер и европратеникот Кнут Флекенштајн.

Џафери ги информирал за актуелниот процес на уставни измени, што произлегува од Спогодбата потпишана меѓу Република Македонија и Република Грција, кој се очекува да биде заокружен во текот на јануари следната година, како и за подготовките за реализација на активностите кои произлегуваат од Планот 18 на Владата на Република Македонија, како логично продолжување на реформите, а се со цел отпочнување на преговори за членство во јуни следната година.

– Европратеникот Мекалистер упати јасна порака на широка партиска поддршка од Европскиот парламент за Договорот од “Преспа”. Тој истакна дека земјата е добар пример за регионот и за Европа, правејќи голем пробив во духот на доброседските односи и помирувањето и дека сега останува на Собранието на Република Македонија и на сите политички сили да ги стават во преден план стратешките интереси и цели на земјата, а тоа се евроатлантските интеграции. Во тие напори, земјата ја има целосната поддршка на европските институции, стои во соопштението.

Европратеникот Флекенштајн, надоврзувајќи се на пораките упатени од страна на Мекалистер, потенцираше дека Европскиот парламент и европските институции исто така мора да ја завршат својата работа во однос на земјите аспирантки за членство во ЕУ и да ги исполнат дадените ветувања. Тој, покрај Договорот од  “Преспа”, ги издвои и преостанатите реформи кои треба да бидат исполнети во делот на судството, услугите, јавната администрација и медиумите.

Соговорниците размениле мислења за формирањето на собраниското интерпартиско тело за помирување и неговата структура, односно работните групи за помирување, интеграција и реформи кои ќе треба да произлезат со конкретни законски решенија во повеќе сегменти, без преминување на црвените линии за владеењето на правото и правната држава, а особено за превенирање на насилството и облиците на насилство за остварување одредени цели во иднина. На крај, присутните се согласија дека Македонија треба да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ следната година и заслужува што поскоро да стане членка на Унијата, каде и географски припаѓа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...