Специјалното јавно обвинителство до денеска ја анализирало содржината на 515.572 аудио фајлови, или во обработка се 85 отсто од вкупниот број на прислушувани разговори што беа доставени во таа институција. СЈО преслушува и нови 100 000 фајлови кои ги обезбедиле при два претреси, се наведува во шестмесечниот извештај на СЈО објавен денеска.
„Како резултат на одобрувањето на обвиненијата кои претходно ги поднесовме, во извештајниот период започнаа или се закажаа рочиштата за најголем број од поднесените обвиненија. Уште повеќе, овој период веројатно најмногу ќе го одбележат првите донесени пресуди за вкупно 11 обвинети лица, кои претставуваат резултат на квалитетната работа и превземените дејствија во спроведените истраги со кои се обезбедија цврсти докази“ се наведува во извештајот.
Во него пишува дека и покрај изразената подготвеност и упатените укажувања не се преземени мерки за изготвување на законски решенија со кои би се решила правната положба на Специјалното јавно обвинителство.
Извештајот го опфаќа сработеното за периодот од 15 септември лани до 15 март годинава. Во тој период обвинителите на СЈО отвориле и седум нови истражни постапки против вкупно 17 лица, а заведени биле и 136 нови предистражни предмети.