Привремените мерки на заштита од семејно насилство сè уште не ги заштитуваат жртвите на семејно насилство

85

Во Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се предвидени привремени мерки на заштита од семејно насилство, чија крајна цел се заштитата на жртвите и превенцијата од повторување на насилството од сторителот. Иако овие мерки се изрекуваат од надлежните институции, постојат многу недостатоци во нивното соодветно и навремено спроведување, поради што не се постигнува крајната цел, односно жртвите не се заштитени, соопшти ХЕРА.

Забраната сторителот да се приближува на жртвата, забраната да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено, задолжителното лекување на сторителот доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување, отстранувањето од домот без оглед на сопственоста на сторителот и задолжителната обврска да посетува соодветно советувалиште се дел од привремените мерки кои овозможуваат да се обезбеди итна заштита на жртвата на семејно насилство и да се спречи повторување на насилството.

Надлежноста да предлагаат привремени мерки им припаѓа на центрите за социјална работа, судовите ги изрекуваат, а полицијата, здравствените институции и специјализираните сервиси ги спроведуваат. Мерката се предложува и изрекува, но нејзиното спроведување е задоцнето или воопшто не се случува. За да се подобри системот на заштита на жртвите на семејно насилство, потребно е итно и соодветно спроведување на мерките на заштита.

– Јасна и непречена координација и соработка меѓу сите вклучени сектори во целиот процес од изрекувањето на мерката до нејзиното целосно спроведување. Ова бара измена и дополнување на подзаконските акти и правилници кои ја уредуваат надлежноста на полицијата при постапување на терен кога ги спроведуваат мерките, измена и донесување нови подзаконски акти кои ја уредуваат координација меѓу полицијата од една страна и здравствените институции од друга страна при спроведување на мерката Задолжително лекување на сторителот доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување.

Позачестено предлагање на различен сет од постоечките мерки кои се законски предвидени согласно проценката на ризикот и потребите на жртвите на семејно насилство, од страна на центрите за социјална работа. Ова значи и полесно предлагање на мерките во насока на заштита на жртвите без никакво осудување и без дискриминација по ниту една основа со цел да се избегне процесот на самостојно иницирање на постапките за изрекување мерки кои траат многу долго и ја оставаат жртвата незаштитена и ранлива на ново насилство во тој период.

Задолжителни и континуирани обуки на полицијата за сензибилизација во врска со семејното насилство, но и со родовобазираното насилство, начинот на прием на жртвата и постапувањето при семејно насилство, спроведувањето на мерките и итноста на постапките со цел навремена заштита на жртвите. Моменталната практика покажува дека на жртвите им се ограничува пристапот до заштита поради субјективни фактори, односно постојат случаи кога пријавите на насилство се регистрираат како поплаки за нарушување на јавниот ред, а неретко жртвите или пријавувачите на насилство се соочени со казна за лажно пријавување на насилство.

Отворање на советувалишта за третман на сторители на семејно насилство во целата држава. Во земјата постои само еден сервис за сторители во Скопје. Добрата практика на спроведување на мерката задолжително советување во советувалиште за сторители, која се спроведува во Првиот семеен центар на Град Скопје, со кој управува ХЕРА, покажа дека успешното советување спречува повторување на насилството и дава промена во однесувањето на сторителите. Тоа е најсигурен начин да се спречи повторното насилство врз жртвата или врз идни жртви.

Овие препораки и заклучоци беа изнесени на дебатата „Привремени мерки за заштита од семејно насилство: Добри практики и предизвици“, што се одржа на 3 декември 2018 година во Скопје во организација на ХЕРА и Градот Скопје.

Дебатата покажа дека и натаму постојат бројни пречки и недостатоци во спроведувањето на привремените мерки на заштита, за чиешто надминување е потребно да се вклучат сите сектори со конкретни чекори за примена на дадените препораки.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција и усвоениот Национален акциски план за нејзина имплементација, како и со најавените социјални реформи предвидени со Предлог-законот за социјална заштита и системот на водење на случај очекуваме значително да се подобри системот на заштита на жртвите на семејно насилство и други форми на насилство.

Настанот беше дел од глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“, што се спроведува секоја година со цел да се подигне свеста и да зајакне активизмот против родово-базираното насилств, стои во соопштението.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...